Економија Азески испрати „ургентни писма“ до коморите на Србија и на Хрватска

Азески испрати „ургентни писма“ до коморите на Србија и на Хрватска

Во врска со проблемите со кои се соочуваат компаниите, поради блокирањето на граничните премини меѓу Србија и Хрватска, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, упатил „ургентни писма“ до колегите, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Лука Буриловиќ.

Целта е како деловно-стручни асоцијации, во рамките на своите надлежности, да преземат најитни чекори во насока на надминување на проблемите, во што пократок рок.

Во писмата било истакнато дека моменталната состојба на границите е незамислива за современите држави, поради што Стопанската комора на Македонија јасно стои на ставот дека, какви и да било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, требало веќе одамна да бидат надминати како застарени, примитивни и несоодветни мерки и начини за дејствување.

Од Стопанската комора велат дека имајќи го предвид фактот дека развојот и унапредувањето на земјоделството и на прехранбената индустрија е од стратешки интерес за Македонија, особено е загрижувачка испораката на земјоделско-прехранбените производи, кои поради роковите на трајност ќе бидат оштетени, а воедно ќе биде оневозможена нивна навремена испорака до деловните партнери, што може да услови и раскинување на досегашните успешни деловни врски.

Покрај тоа, македонските компании од овој сектор се соочени и со проблеми поврзани со доцнење на суровините што ги увезуваат од европските земји, а се неопходни за непречено производство на финални производи.

Поради тоа се користат алтернативните патишта преку Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, кои се покажуваат како неефикасни и се со мала пропусна моќ.

На граничниот премин Бајаково има мало раздвижување на колоната товарни возила, така што се пропуштаат камиони што превезуваат расиплива и опасна стока.

– Има минимално радзвижување, односно се пропуштаат камионите кои носат свежа стока и стока што е опасна за околината. Имено, тие возила, според закон, не смеат да стојат. Пропуштањето оди тешко, бидејќи се вадат од колона и мора да се формира посебна лента за нив – изјави Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.