Дописници Академик Ѓурчинов говореше по повод 80-годишнината од раѓањето на Чинго

Академик Ѓурчинов говореше по повод 80-годишнината од раѓањето на Чинго

Живко Чинго, покрај Петре М. Андреевски, е најистакнатиот раскажувач, додека природата и силата на неговиот талент се нешто исклучително во македонската литература. Со вакви оцени се произнесе академик Милан Ѓурчинов, кој одржа предавање на тема „Великани на македонската уметничка проза – Живко Чинго“.

Говорејќи на Научната и уметничка визита, во организација на МАНУ, во Куќата на Уранија во Охрид, а по повод 80-годишнината од раѓањето на писателот Чинго, академик Ѓурчинов рече дека само Чинго ја има таа грандиозна хуманистичка и етичка вертикала, својствена на великаните на светската литература.

– Чинго е, пред сè, наратор. За жал, умре млад, на 50 години, но зад него останаа 14 наслови од книги. Со самата појава во литературата предизвика експлозија во Македонија и во тогашната југословенска заедница. За него пишуваше литературното списание „Дело“ на Оскар Давичо, делата му беа преведувани на тогашниот српско-хрватски јазик, но бргу станаа своина на светската литаратура. Во Париз, романот „Големата вода“ е објавен во елитна едиција, заедно со Марија Цветаева и со Иво Андриќ, додека францускиот печат пламна со написи за Чинго. Веднаш потоа беше објавен и на руски јазик, како и „Пасквелските раскази“ – истакна Ѓурчинов.

Тој смета дека врз Чинго влијаел рускиот класик Исак Бабељ, кој бил негов духовен татко, меѓутоа на една трибина, од врвни македонски есеисти и литерати, можеше да се слушнат и споредби дека Чинго беше истовремено македонскиот Орвел, но и Кафка.