Македонија Иванов со честитка до христијаните што го слават Божик според Грегоријанскиот календар

Иванов со честитка до христијаните што го слават Божик според Грегоријанскиот календар

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до сите христијански верници што го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

„Ми претставува задоволство во овие празнични денови на сите верници што го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар да им го честитам претстојниот празник на Раѓањето Христово. Божик е симбол на Божјата љубов, простување и милост од кои извира новата надеж за нов почеток. Овој голем празник нè учи да ги следиме врвните морални и етички закони и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината. Божик е време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на различноста, како врвна вредност на македонското повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество. Време што нè инспирира да придонесуваме кон мирот, благосостојбата, среќата и кон севкупниот напредок на нашата татковина Македонија.
Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божикната порака за вистината за верата според која живееме“, се вели во честитката.