Економија Заштитни економски мерки кон Грција повеќе не се применуваат

Заштитни економски мерки кон Грција повеќе не се применуваат

Посебните заштитни мерки кон Грција, кои беа вобедени поради должничката криза, повеќе нема да се применуваат, соопштија од Народна банка.

Заштитните мерки, како што се вели во соопштението, ја постигнаа целта заради која беа воведени, односно оневозможија поголеми капитални одливи од Македонија, не нарушувајќи го притоа деловното работење на домашните компании со грчки субјекти.

Рамнотежата во билансот на плаќања и стабилноста на домашниот банкарски систем беа одржани.

– Како што беше најавено при воведувањето, заштитните мерки беа со привремен карактер, за период од најмногу шест месеци, а постоеше можност за продолжување на нивната примена. Но, веќе одреден период, состојбата во Грција се стабилизира, кредиторите продолжија со финансиското поддржување на Грција, која, пак, се обврза да применува економски и социјални реформи, како и мерки за штедење. Поради тоа, со истекот на шестмесечната важност на заштитните мерки на 28 декември, односно почнувајќи од 29 декември 2015 година, оваа одлука веќе не е на сила – се вели во соопштението на Народна банка.

Мерките се применуваа од 28 јуни.