Македонија Уставниот суд не поведе постапка за навредата и клеветата

Уставниот суд не поведе постапка за навредата и клеветата

Уставниот суд на денешната седница не поведе постапка за оценување на уставноста за целината на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Иницијативата е поднесена од 12 подносители.

Одлуката на Уставниот суд е донесена со мнозинство гласови.

Во иницијативата, подносителите бараа Уставниот суд да го прогласи целиот Закон за неуставен, а во случај ако не го направи тоа, да поведе постапка за членовите 7 став 1, точка 1 и 2 во делот „од истраги за сторени кривични дела или прекршоци“, за членот 4, став 2, за членот 6, ставови 1,2 и 3, за членот 8, став 3, за членот 9 и за членот 18, ставови 1 и 2, а да ја отфрли иницијативата за членовите 3 и 25, став 3.

Според подносителите, овие членови, како и целиот Закон, се спротивни на Уставот и на Европската конвенција за човекови права.

Со овој Закон се регулира граѓанската одговорност за навреда и клевета.

Законот, како што велат од Судот, е донесен со намера оваа материја за навредата и за клеветата, која излезе од Кривичниот законик, да биде предмет во граѓанска постапка, каде што веќе и регулативата е втемелена на европското право.