Македонија Одбележан Јом Ашоа – Денот на сеќавање на холокаустот и хероизмот

Одбележан Јом Ашоа – Денот на сеќавање на холокаустот и хероизмот

Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска  го одбележаа Јом Ашоа – Ден на сеќавање на холокаустот и хероизмот.

Комеморацијата почна пред Меморијалниот центар на холокаустот, со поздравен говор на Пепо Леви, претседател на Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, кој во својот говор го цитираше професорот Ели Визел.

– Да се заборават мртвите е исто како да ги убиеш вторпат – рече Леви, додавајќи дека Македонија не ги заборава своите 7.144 убиени Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

Потоа, заедно со заменик-претседателот на Фондот на холокаустот, Манојил Јаковлески, го открија споменикот „Македонски паметник за жртвите на холокаустот“.

Церемонијата продолжи во Меморијалниот центар, каде пред трите урни со пепел од Логорот на смртта, Треблинка, се запалија шест меморијални свеќи, во чест на шест милони Евреи кои го загубија животот за време на холокаустот.

Меѓу другото, беше отворена и детската изложба „Холокаустот низ призмата на детските очи“.