Економија Народна банка ја намали основната каматна од 2,50 на 2,25 проценти

Народна банка ја намали основната каматна од 2,50 на 2,25 проценти

Фото: Мета.мк

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка оценил дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика и на седницата вчера била донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,50 проценти на 2,25 проценти.

На седницата биле разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

„Одлуката за намалување на каматната стапка се темели на задржаниот континуитет на поволни движења на девизниот пазар, што упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци. Дополнителен простор за монетарно олабавување создава и последната најава на Европската централна банка (ЕЦБ) за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти“, соопштуваат од Народна банка.