Економија Хрватската „Агрофруктис група“ презеде три македонски откупни центри

Хрватската „Агрофруктис група“ презеде три македонски откупни центри

„Агрофруктис група“ од Хрватска презела три откупни фирми за овошје и за зеленчук во Македонија, соопштија од компанијата.

Станува збор за фирмите „Вант“ и „Вба футура“ од  Струмица и „Еуро-агрија“ од Ново Село, кои годишно откупуваат околу 20.000 тони свежо овошје и зеленчук, со пазарна вредност од околу 6,5 милиони евра, се вели во соопштението.

„Агрофруктис група“ е сопственик на најголемиот и најмодерниот откупно-дистрибутивен центар за свежо овошје и зеленчук на подрачјето на Македонија.

– Со оваа аквизиција ќе ја зајакнеме нашата позиција на набавниот пазар и дополнително ќе ги пополниме капацитетите со проширување на суровинската база. Очекуваниот ефект е зголемување на обемот на производство, а исто така и ширење на нови пазари – изјави, претседателот на управата на „Агрофруктис група“, Денис Матијевиќ.

Според информациите во соопштението, во наредниот период најавуваат дека планираат да продолжат со активности насочени на понатамошна концентрација на работа со свежо и со конзервирано овошје и зеленчук преку органско производство, нови аквизиции и гринфилд-инвестиции.