Македонија Герет: Обединетото кралство е верен поддржувач на Македонија

Герет: Обединетото кралство е верен поддржувач на Македонија

Обединетото Кралство е верен поддржувач на Македонија од прогласувањето на независноста, на нејзините евроатлански интеграции и е искрен пријател и во тешки моменти, а тоа пријателство е најсилно, истакна британскиот амбасадор Чарлс Гарет во синоќешното обраќање на свеченоста во Скопје, по повод прославата на роденденот на кралицата. На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, министри во Владата, пратеници, претставници на политичките партии, на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, членови на дипломатскиот кор, воени аташеа и други гости.

– Го добивте кандидатскиот статус за членство во ЕУ за време на британското претседателство со Унијата во 2005 година. Секоја година оттогаш заедно работевме на зајакнувањето на цивилното општество, на реформите во одбраната и во полицијата, во медиумите, јавната администрација и во економијата. Обединетото Кралство секогаш ќе биде искрен пријател на Македонија, па и во тешки моменти, а искреното пријателство е најсилно. Обединетото Кралство е, исто така, и одлучен поддржувач на членството на Македонија во НАТО. Со нетрпение очекуваме кога Македонија ќе седне на иста маса со нас во Алијансата – рече амбасадорот Гарет.