Македонија Брет: Потребни се консултации за образовните реформи

Брет: Потребни се консултации за образовните реформи

Квалитетот на образованието е многу важен и одговорност на оваа Влада е да го обезбеди тој квалитет и да создаде услови, но предложениот државен испит сигурно ќе влијае на воспоставените практики и ќе биде голема промена за средните училишта и за факултетите, вели амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет, во интервју за „Радио Слободна Европа“. Тој за воведувањето на државниот испит вели дека треба да има консултации и да се вклучи мислењето на студентите и на професорите.

– Се чини дека целиот процес е краток. Па би кажал дека се потребни повеќе консултации – вели Брет.

За отсуството на политички дијалог во Македонија, Брет вели дека генерално гледа стабилна држава, во која нормалните процеси се во тек, но проблемот со отсуството на опозицијата е важен за демократскиот процес.

– Гледаме стабилна ситуација. Гледаме земја во која се работи, во која нормалните процеси се во тек, но секако дека проблемот со отсуство на опозицијата е важен за демократскиот процес. Мислиме дека местото на членовите на парламентот е во парламентот. Ако се избрани, тие треба да ги прифатат мандатите. Оваа порака исто така ја упативме до политичките лидери од опозицијата, особено до господинот Заев и мислам дека ова мислење го дели целата меѓународна заедница. Неодамна комесарот за проширување го кажа истото. Сè додека ситуацијата е таква, работата во парламентот не е нормална и мислиме дека тоа треба да се смени што поскоро – вели Брет.