Со завршен настан што се одржа денеска во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, беше обележан крајот на проектот „Техничка помош и секторска реформска програмска компонента – ЕУ за млади“, финансиран од Европската Унија со вкупна вредност од 16,5 милиони евра. Проектот, кој вклучуваше и Директна секторска буџетска поддршка, се реализираше во изминатите три години со цел подобрување на условите за младите во Северна Македонија преку инвестиции во стручното образование и пазарот на трудот.
На настанот учествуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, како и од проектниот тим. Тие дискутираа за досегашните резултати и идните чекори за обезбедување одржливи решенија за младите.
Во своето воведно обраќање, државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, го нагласи значењето на проектот како основа за понатамошни активности во кои младите се во центарот на вниманието.
„Проектот даде исклучително значајни резултати и токму тие се основата за нова акција во која повторно младите ќе бидат во нашиот фокус. Значително е подигнат квалитетот на стручното образование и обука и зголемен бројот на ученици во стручните училишта, а зајакната и унапредена е законската регулатива. Формирани се три регионални центри за стручно образование и обука кои се модерно опремени и успешно функционираат, а отпочнт е трансформативниот процес на други четири училишта кои треба да прераснат во регионални центри“, рече Ивановска.
Од страна на Делегацијата на Европската комисија во Скопје, Александру Албу истакна дека преку овој проект, ЕУ има за цел да придонесе за креирање стабилна иднина за младите во Северна Македонија. „Целта на проектот е да се зголеми вработувањето на младите и да се запре нивното иселување од земјата, со што ќе се придонесе за економијата и напредокот на Северна Македонија“, изјави Албу.
Во рамки на програмата, изминатите три години беа целосно обновени три регионални центри за професионално образование и обука – во Куманово („Киро Бурназ“), Тетово („Моша Пијаде“) и Охрид („Ванчо Питошески“). Со ова се создадоа значително подобри услови за настава и практична обука на учениците, а наставниот кадар доби современи ресурси за работа.
Младен Фрчковски од Министерството за економија зборуваше за потребата младите да добијат навремено кариерно советување и насочување кон пазарот на труд. „Наредната година ќе стимулираме други мерки за младите со цел да останат во државата бидејќи без човечки капитал нема да напредува економијата“, истакна тој.
Галиа Божанова потенцираше дека Северна Македонија е првата земја надвор од ЕУ што ја има воспоставено шемата за „Гаранција за млади“, како одговор на предизвикот со младинската невработеност.
На панел-дискусијата под наслов „Постигнувања, импакт и напредок“, Ивана Поповска Батник, советничка во кабинетот на министерката за образование и наука, говореше за отпорноста и континуитетот на реформите во образованието, дури и во услови на промени во политичкото раководство. „Секој еден од нас може да види што може да се направи доколку квалитетно и паметно се искористат ЕУ средствата за оваа земја. Оваа реформа претрпе промени на неколку министри што покажува дека оваа реформа е издржлива, потребна и препознаена, не само од министрите и политиката туку и од страна на Европската комисија“, рече Батник.
Во делот посветен на услугите за вработување, Марија Димитријевска, поранешна раководителка на Центарот за вработување во Куманово, зборуваше за подобрувањето на условите во овие институции. „Со цел зајакнување на институционалните капацитети на центрите за вработување беа реновирани 6 центри. Станува збор за темелно реновирање, невработените лица и работодавачите може да добијат квалитетни услуги на места кои се функционални. Условите се драстично подобрени“, нагласи таа.
На темата за реновации се надоврза и Тони Андрески, директор на средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид, кој подвлече дека ваквиот пристап овозможува долгорочни насоки за развој на квалитетно стручно образование. „Заложбата на регионалниот центар е да ги чуеме вашите забелешки, коментари и секако критики. Вашите искуства се секогаш добредојдени за тоа каде и како треба да се развива Регионалниот центар и неговата соработка со бизнис заедницата и другите надлежни институции, земајќи ги во притоа во предвид, секако, најдобрите европски практики“, рече Андрески.
Еден од значајните технолошки резултати на проектот е воведувањето на „Трејсер“ системот – платформа што овозможува следење на кариерниот пат на матурантите и помага во носењето на политиките за стручно образование. Него го претстави Даниел Киприаноски од Интелегента. „Овој систем треба да ѝ помогне на државата да носи правилни политики за подобрување и промовирање на некои струки од стручното образование“, истакна тој.
Со овој настан се заокружи значајна фаза од реформските процеси поддржани од Европската Унија, кои имаат за цел да изградат поквалитетна иднина за младите генерации во Северна Македонија.