Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило истражна постапка против „носител на висока функција во Општина Струмица“, за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Според обвинителството, осомничениот, чиј идентитет не се открива, се товари дека во 2010 година во ист ден со иста фирма склучил четири посебни договори во вредност од 1.029.549 денари (околу 17.000 евра), за асфалтирање на една иста улица во општината.

– Наместо да спроведе една транспарента постапка за јавна набавка, со објава на оглас за доделување договор, истовремено распишал и спровел четири одвоени постапки за прибирање понуди без оглас и покрај законската забрана за делење на договор за јавна набавка на повеќе посебни договори со пониска вредност, со што ги изиграл одредбите од Законот за јавни набавки на штета на буџетот на Општината – стои во соопштението на обвинителството.

Викендов дел од провладините медиуми објавија детали и ја најавија истражната постапка на Јавното обвинителство.