ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА: Митови и дезинформации за сеопфатно сексуално образование

Сексуалното образование во училиштата е една од најдискутираните теми во земјава, каде до неодамна и самиот збор „секс“ се сметаше за табу. Адолесценцијата е период од животот во кој лицата претрпуваат големи физички, психолошки, емоционални и промени на личноста, што пак бара во овој период да бидат насочени и да им се помогне да ги разберат промените што ги искусуваат. Неточното или делумното знаење може да биде опасно, а особено кога станува збор за сексуалните и личните односи со другите, како и личните граници.

Со воведувањето на сексуално образование во училиштата, во Северна Македонија почнаа да се шират низа дезинформации кои имаат за цел да ги доведат родителите и учениците во заблуда околу потребата од вакво образование во воспитно-образовните установи. Дополнително, и младите неретко не се сигурни дали некое тврдење што го слушнале или прочитале некаде, а кое е поврзано со сексот или со личните односи со другите лица и околината, е вистина или мит.

Затоа, во новата епизода на „Зошто (не) е така?“ поканивме неколку експерти и познавачи на темата да објаснат зошто некои работи околу Сеопфатното сексуално образование (ССО) и сексуалното здравје се или не се така.

Ова се некои најпознатите митови и најраспространетите дезинформации за сексуалното образование во училиштата:

#1. На часовите по Сеопфатно сексуално образование се учи за секс.

Не е така. Во ССО само една од седумте компоненти кои се изучуваат го вклучува сексуалното и репродуктивното здравје. Сексуалното образование подразбира и учење за семејното насилство, учење за тоа како да се препознае насилството, како да го запознаеме нашето тело, учење за сексуално преносливите болести и друго.

Сексуалното образование ги учи тинејџерите да бидат одговорни и поотворени во однос на сопствените сексуални потреби и интереси, како и на каков безбеден и адекватен начин да ги изразат и реализираат. Воедно, пред сé, ги учи младите на поголема одговорност за сопственото сексуално здравје, ги запознава со можностите да имаат адекватен и позитивен однос со себе и со другите.

 

#2. Воведувањето на сексуално образование во училиштата го поттикнува и нормализира тинејџерскиот секс.

Не е така, бидејќи кога за нештото се зборува и не е табуизирано, младите многу помалку го прават. Тие учат кои се ризиците, што значи безбеден сексуален однос и учат дека тоа не е нешто во кое треба да се впуштаме туку така, туку навистина да носат информирани и одговорни одлуки кои всушност значат отпочнување со сексот многу подоцна. Веќе е докажано дека сексуалното образование го поместува прагот на возраста кога тинејџерите започнуваат да имаат сексуални односи.

 

#3. Ако ти ги проверува пораките во телефонот, тоа е знак дека те сака многу.

Не е така. Довербата е еден клучен дел од една здрава врска и тука во ниту еден случај нема простор за проверување на телефон.

Непочитувањето на приватноста, како и недовербата во односот, не се знак на љубов, туку на исплашеност и силна несигурност во односот. Кога некој нé љуби онакви какви што сме, нема потреба да се докажува, потврдува или поддржува со т.н. љубовни докази.

 

#4. Сеопфатното сексуално образование сака да ја замени улогата на родителите во објаснувањето на сексот.

Не е така. Ништо на светот не може да замени еден родител, па така ниту сеопфатното сексуално образование. Тоа не се обидува ниту да го направи. ССО треба да се гледа како продолжена рака, асистент на родителите бидејќи неретко децата едноставно не сакаат да зборуваат со родителите на овие теми, што е сосема разбирливо, туку многу почесто сакаат да зборуваат со своите врсници или некој што не им е толку близок како родителот. Исто така, многу често родителите самите ги немаат информациите па и тие самите не знаат како да разговараат со своите деца на овие теми. Ова не е по нивна вина, тоа е еден систем кој бил така условен генерации наназад.

Значи станува збор за еден синџир – родителите и наставниците заедно ги учат или барем треба да ги учат учениците и децата да знаат повеќе за своето тело, да знаат за сексуално преносливите болести, да ја знаат физиономијата на своето тело и останато.

 

#5. Сексуалното образование во училиштата ги учи тинејџерите да бидат хомосексуалци.

Не е така. Сеопфатното сексуално образование нé учи да се прифаќаме едни со други такви какви што сме, а и хомосексуалноста не е нешто што се учи. Тоа не е нешто што го учиме, не е нешто што некој нé тера да го правиме, а тоа што ССО вклучува само еден минимален дел во себе околу различните сексуални ориентации, апсолутно не значи дека може да научи некого да биде хомосексуалец.

 

#6. За да ме сака, морам да ѝ угодувам и секогаш јас да плаќам.

Не е така. Никој на никого не треба постојано да му угодува, секоја врска е одреден компромис кој бара многу комуникација, доверба и взаемно почитување. И угодувањето и плаќањето не се категории кои спаѓаат во овие квалитети на една здрава врска.

Угодувањето или плизерството најчесто се сметаат за научени обрасци преку кои директно и непосредно ги пренесуваме нефункционалните релации во кои љубовта треба да се заслужи. Воедно, пролонгираното однесување на угодување може да укаже на потребата секогаш да се создаде најубавата и најсовршена импресија во релацијата со цел повторно љубовта да се заслужи. А сите сме свесни дека љубовта не се заслужува толку колку што се случува.

 

#7. Срамота е првото сексуално искуство да ти биде на 20 години.

Не е така. Секој треба да го има својот прв сексуален однос или првото сексуално искуство тогаш кога ќе се чувствува спремен. Првото сексуално исксутво се случува тогаш кога чувствуваме, не само полова, туку и емоционална и психичка зрелост.

Сепак, првото сексуализирано искуство го имаме во контакт со себеси, а потоа и во релација со другите. Пожелно е да се реализира во релација со партнер или партнерка со кој/а се чувствуваме како посакувани и соодветни и кои ги почитуваат границите во насока на стекнување на позитивно исксутво кое би нé ослободило, а не кое би создало одредена вознемиреност, несигурност, изложеност, ризик и повреда.

 

#8. Кондомот е најдобра заштита од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции.

Така е. Кондомот е најдобрата контрацепција и единствениот кој нé штити и од непланираната бременост и од сексуално преносливи инфекции истовремено. Така што, секој сексуален однос, освен ако не планираме да имаме деца, треба да вклучува кондом.

 

#9. Добро е по секој сексуален однос да земаш таблети за контрацепција, за секој случај.

Не е така. Нашите тела се различни, секое тело има различна реакција на контрацептивните апчиња и за секоја нивна употреба или за каква било заштита секогаш треба да се консултираме со гинеколог.

 

#10. Ќе можам да препознаам доколку партнерот има сексуално пренослива инфекција.

Не е така. Едно нешто кое им е заедничко на сите сексуално преносливи инфекции е тоа дека немаат симптоми. Затоа е многу важно редовното тестирање и не, никогаш нема да познаеме дали нашиот партнер има некаква сексуално пренослива инфекција.

 

#11. Не можеш да забремениш додека имаш менструрација, ниту пак ако имаш секс во стоечка положба.

Не е така. Постојат жени кои забремениле за време на нивниот менструален циклус, и не, нема никаква разлика дали имате секс во кревет или пак стоејќи. Во секоја положба може да се забремени.

 

#12. Вистинскиот маж никогаш не плаче.

Не е така. Секој од нас е човек и секој од нас го има истиот емоционален капцитет да чувствува, така што ако нешто чувствуваме или ни тежи, треба некогаш и да си се исплачеме.

 

#13. За да има сексуално вознемирување, мора да има физички контакт,

Не е така. Сексуaлно вознемирување постои и кога нема физички контакт. Најчест пример е сексуалното вознемирување на интернет, на социјалните мрежи, во чет собите. И ние самите во нашата држава имавме случај на масовно сексуално вознемирување кое се случуваше онлајн.

Вознемирувањето е субјективно доживување и се препознава така што постои една тенденција на континуирано омаловажување и деградирање на личноста на другиот според одредена родова или полова припадност со цел добивање на моќ, сила и внимание кои на друг начин не можат да се добијат или остварат.