fbpx

Зошто Македонија пак ја нема на Шангајската листа на 500 најдобри универзитети

-

Ниту еден македонски универзитет и оваа година не се најде на светската Шангајска листа на 500 најдобри универзитети.

Првите десет универзитети од минатата година го задржаа своето место и покрај некои мали промени. Резултатите од најновото рангирање потврдуваат дека Универзитетот „Харвард“ е најдобриот веќе 14 години по ред. „Стенфорд“, исто така, го задржа второто место, додека „Беркли“ и „Кембриџ“ паднаа едно место подолу.

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, смета дека ниту еден универзитет од Македонија не е на Шангајската листа, затоа што воопшто не се вложува во науката.

– Колку се одвојува за науката и универзитетите толку и ќе се најдеме на Шангајската листа. Се отворија премногу јавни универзитети, на постоечките 5 сега се подготвуваат уште два нови. Студиските програми се дуплираа, триплираа, а средствата остануваат исти. Во Македонија, за наука не се одвојува речиси ништо, од тие причини не сум изненаден што ниту еден наш универзитет не е на Шангајската листа. Ако продолжи вака да се одвива состојбата, јас очекувам дека уште повеќе ќе одиме назад. Се знае кои се стандардите, а освен ние на УКИМ, ретко кој друг ги почитува стандардите – вели Давитковски.

Професорката на Правниот факултет Тања Каракамишева-Јовановска вели дека Шангајската листа може да се „заработи“ исклучиво и само ако се исполнат прецизно предвидените квалитативни и квантитативни индикатори добро познати на секого што работи во високообразовната сфера.

– Станува збор за шест квалитативно-квантитативни индикатори врз основа на кои се врши универзитетското рангирање во светот. Секако, се смета дека најважен од сите индикатори е квалитетот на професорскиот кадар кој работи на универзитетот, што се оценува и евалуира според индексот на т.н. индивидуален/колективен истражувачки излезен елемент. Ако универзитетите од Република Македонија сакаат да се најдат на Шангајската листа треба сериозно да ги унапредат сите наведени вредносни индикатори според кои се цени квалитетот на високото образование во светот – вели Каракамишева Јовановска.

Од регионот, најдобро се рангирани Универзитетот во Белград, кој се најде на 261-то место, Универзитетот во Љубљана на 464 место и Универзитетот во Загреб на 491-то место.

Вкупно 500 универзитети се рангирани од целиот свет врз основа на шест индикатори кои го вклучуваат бројот на наградувани вработени и алумни како и број на објавени статии во престижните списанија „Nature“ и „Science“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...