Зошто доаѓањето на „Спотифај“ е важно за македонската музичка индустрија?

Кети Пери во рекламата за влезот на „Спотифај“ на рускиот пазар.

Шведскиот сервис за дигитална музика „Спотифај“ објави дека од 15 јули се проширува на 13 нови пазари во централна и источна Европа, меѓу кои и во Република Северна Македонија.

Додека официјалното соопштение на „Спотифај“ го истакнува влезот на рускиот пазар, најавата предизвика голем медиумски интерес и во опфатените балкански земји, каде луѓето се гордеат со својата музичка традиција.

За значењето на овој деловен потег на една од најпопуларните, на светско ниво, е-продавници за музика преку која може да се преслушува (streaming) и да се превзема (download) музика, „Мета.мк“ разговараше со Васил Буралиев, основачот на ВБУ Музички регистар, најголемата јавна база на податоци за македонска музика која има евидентирано речиси 27.000 песни објавени во претходните 68 години.

Снимка на екранот на насловната страница на www.muzichkiregistar.com.

Буралиев укажува дека и претходно македонските изведувачи можеа своите музички изданија да ги постават на „Спотифај“, исто како и на „Дизер“ (Deezer), „Амазон мјузик“ (Amazon Music), „Гугл плеј“ (Google Play) и други слични сервиси до кои има пристап и публиката од земјава. Присуството на што е можно повеќе продавници ги зголемува шансите еден музички производ да биде продаден, односно да биде продаван повеќе.

– Она што е новитет од 15 јули е дека „Спотифај“ го овозможи сервисот за слушателите на музика од Балканот, вклучително и за Северна Македонија. Со ова, придобивката за изведувачите од нашата држава е тоа што нашата домашна публика ќе може да ги преслушува и купува нивните песни и на овој сервис. На овој начин тие, домашните изведувачи ќе имаат можност за подобра монетизација од домашната публика која логично е да е и најбројна и најверна. Во тоните музика од целиот свет, многу е тешко да направиш публика и фанови, особено од луѓето со различна култура. Но, за да се натпреваруваат изведувачите во светската лига, предуслов е нивната музика да се најде во музичките „арени“. Една од најголемите арени е онаа на „Спотифај“, што е помал проблем. По обезбедување присуство на „Спотифај“ како изведувач (читај поставување на песните во е-продавницата за што има посебна процедура во која се инволвирани таканаречени сервиси за дигитална дистрибуција), почнува вистинската борба: Како да го популаризираш сопствениот производ? – објаснува Буралиев.

Досегашните искуства на домашните изведувачи со продавање музика преку интернет „не се сјајни“. Добар дел од нив воопшто и не ги поставуваат нивните песни/албуми на е-продавниците кои досега им беа достапни.

– Мојот впечаток е дека дури и оние што го прават тоа, по поставување на некои од своите песни на сервиси слични на „Спотифај“ како и на самиот „Спотифај“, престануваат да го прават тоа откако ќе сфатат дека не заработиле ништо или можеби заработиле незначително малку. А во зависност од тоа кој сервис за дигитална дистрибуција се користи, поставувањето некогаш чини пари – посочува Буралиев.

Васил Буралиев, основач на ВБУ Музички регистар. Фотографија објавена со негова дозвола.

Според него, создавање добар бренд (изведувач) во музичката индустрија што добро ќе се продава не е ништо поразлично од создавањето добар бренд во други индустрии. Основен предуслов е имање квалитетен производ, што за специфичноста на музичката индустрија, која е дел од забавната, некогаш тоа значи интересен производ.

– Но, само добар производ не значи загарантиран финансиски успех. Не е доволно да имаш добра песна. Индустрија значи многу повеќе од добра песна и покрај тоа што тоа е основата. Играње во лигата наречена „индустрија“ подразбира сериозно третирање на други сегменти што се поврзани со административна работа, управување (менаџмент), маркетинг, тимска работа и правење многу компромиси, на што мој впечаток е дека уметниците не секогаш се подготвени. Моето сознание стекнато преку набљудување на музичката заедница и домашната музичка индустрија, за која многумина веруваат дека не постои или е во многу закржлавена форма, е дека домашните музички изведувачи најинтензивно ја користат YouTube платформата за поставување на сопствените песни и за монетизација. Од она што јас го знам за тој модел на монетизација, за да стане сериозен извор на приход мора песната да има многу голема популарност (читај милионски прегледи за пар стотина долари) – објаснува Буралиев.

За вистински бизнис, особено на меѓународно ниво, неопходен е и интернационален тим, посочува Буралиев. Притоа, важно е и добивањето поддршка дома, па следен чекор да биде регионот, кој воопшто не е мал, а културолошки е многу поблизок отколку на пример Америка, Скандинавија, развиените земји во Европа, или земјите од истокот, кои претставуваат растечки пазар во овие индустрии на забава.

„Спотифај“ укажува дека има над 250 милиони корисници и над 130 милиони претплатници од 92 различни земји.

Музичките издавачи од РСМ често се жалат дека плаќањето за музика преку интернет, а и воопшто купувањето музика на носачи на звук не е дел од секојдневните навики на македонските слушатели. Особено затоа што самите музичари своите дела ги нудат за бесплатно слушање на интернет во промотивни цели, надевајќи се дека ќе заработат пари од концерти или други настапи.

Основачот на „Музичкиот регистар“ верува дека користењето вакви алатки може само во мал дел да помогне да се развие култура на плаќање на трудот на музичарите, но дека суштинска промена треба да дојде од друго место.

– Еве „конечно“ и „Спотифај“ е достапен за регионов и мене многу ме интересира дали во периодов што следи некои од домашните изведувачи ќе може да каже дека успеал да создаде бизнис поради тоа. Ако тоа се случи за било кој од нив, мене ќе ми биде драго. Но, како што веќе спомнав и пред „Спотифај“ да биде достапен за жителите на Северна Македонија, „Гугл плеј“ беше достапен. Дали таа алатка (тој сервис) придонесе за драстично менување на работите во споменатиот контекст? Немам впечаток дека има некаква значителна промена. „Спотифај“, „Гугл плеј“, „Дизер“, „Амазон Мјузик“… се само алатки што може да помогнат, но не верувам дека може да ги сменат работите драстично без дополнителни активности што значат и маркетинг и посериозен деловен пристап и континуирано усовршување, се разбира со претпоставка дека производот е добар/интересен – вели Буралиев.

Сепак, во ситуацијата во која е целиот свет поради ковид-19, при што нема музички настапи, купувањето музика преку интернет би можело да биде дополнителен, па дури и примарен извор на приход. За музичарите за кои основен извор на приходи (а на некои од нив и единствен) биле од живите настапи сега се во многу незавидна ситуација. Таквата состојба не е карактеристична само за нашата земја, тоа е случај во целиот свет. Освен ѕвездите (superstars) во вистинската смисла на зборот, примарен извор на приход на изведувачите е оној поврзан со музичките настапи: фестивали, концерти, свадби, прослави, манифестации, јубилеи, свирки, клубски настапи итн.

– Сметам дека нашата музичка заедница, ако сака да има подобра иднина, мора да се организира поинаку. Мора да се грижат како еснафско здружение и тие да ја градат индустријата. Никој друг нема да го направи тоа за нив, вели Буралиев, споредувајќи ги искуствата и од земјата и од странство – вели Буралиев.

Снимка на екранот на делот за нови изданија на насловната страна на www.muzichkiregistar.com.

Голем дел од енергијата на непрофитниот проект „Музички регистар“ се троши на афирмација на младите музичари и бендови. Така на пример, во делот „најнови албуми“ на насловната страница на Музичкиот регистар во моментов сите наведени изданија се на англиски јазик, од поп-музиката на Yon Idi, Yova и Марга Сол до амбиенталното техно на Amplidyne Effect и џезот на Bukršliev.

За Буралиев е разбирливо што дел од изведувачите и авторите имаат тенденција да направат производи наменети за меѓународен пазар: „Тоа несомнено изгледа како многу поголем потенцијал отколку нашиот пазар кој, можеби и не е толку мал во споредба со тоа какви приоритети имаме како нација и за што сме спремни да дадеме пари, а за што не сме да дадеме и помалку пари.“

Дел од изведувачите од нашата земја веќе и живеат во странство, така што се обраќаат на публика на други јазици. Таков пример е Yova, која повеќе години не живее во нашата држава, па е логично што нејзиното последно издание (како и други претходно) да е на јазик на кој ќе може посоодветно да и се обрати на публиката што ја таргетира, посочува Буралиев.

Тој смета дека за да се одговори на прашањето дали може да се живее од пласманот на музика во странство, ќе треба да се направи сондажа со одговори од стотици изведувачи од нашата земја, за да може да се воопшти одговор. Особено би било важно да се истражат искуствата на бендови кои имале промоција во странство, како поранешните учесници на Песна на Евровизија.

– Моето убедување е дека е ѓаволски тешко да се постигне светски успех како изведувач со авторска музика. Музичките автори пак, имаат можност да продаваат музички парчиња на специфични сервиси кои купувачите ги користат како музички подлоги за производи во други индустрии како филмската, индустријата за видео-игри, па и за музичката индустрија (пр. можеш да си купиш музичка секвенца што претставува ритам, што може да го користиш во сопствена песна). Таму најчесто не игра улога текстот, но повторно, ѓаволски е тешко да изградиш добар бренд што добро ќе го продаваш за да можеш да живееш од тоа. Да, интернационалниот пазар нуди огромни можности и тие мора да се користат, но во исто време таму е огромна и конкуренцијата. Моето мислење е дека паралелно на обидите за настап на интернационален пазар, мора да се гради индустрија и дома, што исто така не е едноставно. Но, тоа е животот. Никогаш нема да биде лесен и никогаш нема да има подобри времиња. Или тогаш кога ќе ни биде лесен, треба да знаеме дека многу брзо ќе стане тежок. Затоа потребна е континуирана работа и кога ни е добро, за полесно да минуваат лошите времиња. Но исто така треба многу почит помеѓу сите учесници, добри намери, коректен однос, емпатија и квалитетна комуникација што се универзални вредности во која индустрија и да работиш – заклучува Васил Буралиев.