Експремиерот Зоран Заев е единствениот жив политичар од Западен Балкан кој поранешната германска канцеларка Ангела Меркел го спомнува во своите мемоари. Ова на социјалната мрежа „Х“ го објави новинарот Михаел Мартенс од германскиот „Франфуртер алгемајне цајтунг“.
Во мемоарите, Меркел го опишува Заев како „храбар и решителен“, вели Мартенс.
„Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц: не е спомнат. Поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис: исто. На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го спомнува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’“, пишува во својата објава Мартенс.
Мемоарите на поранешната канцеларка на Германија, Ангела Меркел, насловени како „Слобода“ беа промовирани вчера во Берлин, речиси три години откако таа ја напушти функцијата.
Во книгата Меркел дава осврт на својот живот, од детството и младоста во Германската Демократска Република (ГДР), преку обединувањето на Германија, нејзиниот политички подем во Сојузна Република Германија, сè до крајот на нејзината 16-годишна кариера како канцеларка во 2021 година.