Зоран Попоски со свое дело на меѓународен фестивал за дигитална уметност во Париз

Фото: Зоран Попоски

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски изложува на едномесечниот меѓународен фестивал – Месец на дигиталната уметност во Париз, Франција кој трае до 30 јуни.

Темата на фестивалот е мирот, слободата и ставањето крај на агресијата. Уметникот Попоски ќе се претстави со видео арт делото „Парче мир“ што воедно е застапено и во посебниот осврт кон фестивалот објавен во Артилери Магазин, реномирано списание за современа уметност што се објавува во Лос Анџелес.

„Она што е уникатно за ова уметнички дело е дека сите елементи во него – поезијата, видеото и музиката – во целост се создадени со помош на креативна вештачка интелигенција“, вели Попоски.

Второто издание на Месецот на дигитална уметност во Париз вклучува околу 30 светски дигитални уметници, со изложби на дополнета реалност и видео арт на дузина локации ширум француската метропола. Интерактивна мапа со сите локации и застапени уметнички дела е достапна на сајтот на фестивалот. Месец на дигиталната уметност во Париз е во организација на светски реномираниот Саем за крипто и дигитални уметности (KАДАФ).

Зоран Попоски своите магисерски студии по уметност во нови медиуми ги завршува во Австрија и САД, а со докторската диплома за култура се стекнува во Скопје. Досега има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.