Зоран Гаврилов, добитник на Ото Бајер стипендијата за откривање на лек: Со желба и одлучност, и невозможното станува возможно

фото: Зоран Гаврилов / лична архива

Зоран Гаврилов од Кочани е еден од добитниците на научните стипендии за 2022 година, кои германската фондација Бајер ги доделува на студенти-истражувачи на магистерски или докторски студии. 25-годишниот магистер по фармација е меѓу 14-те добитници на Ото Бајер стипендијата што се доделува за откривање на лекови, а ја добил како дел од тимот што развива третман за синдромот на Ашер – ретко генетско заболување кое се манифестира со губиток на слухот и видот.

Гаврилов магистрирал фармација на Фармацевтскиот факултет во Скопје и во моментов е запишан на втор циклус студии од областа на биоинформатиката на ФИНКИ.

Меѓу неговите успеси се запишани прогласувањето за најдобар студент во генерација на Фармацевтскиот факултет од страна на Фондацијата Трајче Мукаетов, како и наградата за најдобро дипломиран студент на овој факултет, која ја доделува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Благодарение на стипендијата добиена за учеството во откривање на третман за Ашер синдромот, Гаврилов сега го надоградува своето знаење и е вклучен во научноистражувачки проект на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен – еден од најреномираните универзитети во Германија и меѓу 50-те најдобри во светот, според Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

Покрај стипендиите за откривање на лек, Фондација Баер доделува научни стипендии и од областа на медицинските и земјоделските науки.

Во интервју за „Мета.мк“, младиот Гаврилов зборува за стипендијата, неговото искуство во научноистражувачката дејност, но и за состојбите во високото образование во земјава и причините поради кои многу млади научници, како и самиот тој, ја напуштаат државата.

Од какви сѐ проекти и истражувања си бил дел за време на твоето образование и научноистражувачка работа во земјава и странство?

По завршување на студиите во земјава, поминав околу два месеци на истражувачка пракса на Фармацевтско-биохемискиот факултет во Загреб со цел доусовршување и стекнување на поголемо искуство и знаење, а веднаш потоа шест месеци на одделот за клиничка биохемија при Фармацевтскиот факултет во Љубљана, каде учествував во истражувачки проект за функционална карактеризација на протеини при остеопороза. Ова за мене претставуваше големо искуство, за време на кое стекнав знаења и вештини кои се доста корисни во моменталната научноистражувачка работа.

Во јуни учествував на интернационален конгрес за студенти по медицина и биомедицински науки (ISCOMS) во Гронинген, Холандија, каде што го презентирав дипломскиот труд. На истиот имаше учесници буквално од целиот свет и имавме можност да се  запознаеме меѓусебно, да запознаеме различни култури и размениме искуства. Од активните учесници кои презентираа, беа селектирани 25 учесници за двонеделна пракса на Универзитетскиот медицински центар Гронинген (UMCG) за време на која се запознавме со научноистражувачката работа и можностите кои ги  нуди универзитетскиот медицински центар Гронинген, вклучувајќи доста модерни лаборатории.

Еден од добитниците си на стипендијата на Фондацијата Бајер. Што претставува оваа стипендија, за што се доделува, колку и како ќе ти помогне тебе во понатамошно усовршување на полето во кое работиш/истражуваш?

Добитник сум на Ото Бајер стипендијата која ја доделува Фондацијата Бајер. Се доделува на тековни студенти на магистерски студии, по завршување на магистерски студии или на студенти на докторски студии, главно од областа на фармацијата, за истражување на нови третмани. Доделени се вкупно 14 вакви стипендии оваа година. Горд сум и среќен што сум добитник на ваква престижна стипендија, која истовремено претставува обврска, но и мотив и стимул за напорна работа, што се надевам ќе резултира со идни понатамошни успеси. Благодарение на оваа стипендија имам можност да поминам шест месеци на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен, кој е еден од најдобрите универзитети во Германија и воопшто во светски рамки, да се стекнам со дополнително искуство, знаења и вештини во научноистражувачката работа кои би биле од голема корист во иднина.

Стипендијата ја доби за учеството во развојот на третман за синдромот на Ашер. Што е Ашер синдром и како лекот што го развивате ќе помогне во третирањето на истиот? 

Како што напоменав, станува збор за еден од најдобрите универзитети во Германија. Дел сум од одделот за фармакологија, каде примарниот фокус е проучување на наследни очни заболувања и развој на нови пристапи за генска терапија во третманот на овие заболувања. Истражувањето на нашата група е насочено кон Ашер синдром, што претставува ретко генетско заболување кое се манифестира со губиток на слух и вид.

Постојат повеќе поттипови на ова заболување, а нашата научноистражувачка работа е конкретно насочена кон Ашер 1б синдромот, кој се јавува поради мутации во MYO7A генот. Мутациите можат да бидат присутни низ целиот ген, што го прави хетерогенетско заболување и дополнително го отежнува можниот третман. Се карактеризира со вроден губиток на слух и постепена ретинална дегенерација и губиток на видот. Губитокот на слухот може да се реши со помош на кохлеарни импланти, но за оштетувањето на видот сè уште нема терапија.

Во повеќето случаи глувоста е вродена, па пациентите со Ашер 1б се раѓаат глуви. Затоа овие пациенти може да се идентификуваат уште од најмала возраст, што значи пред почетокот на ретиналната дегенерација и губитокот на видот. Овој факт ги прави овие пациенти добри кандидати за генска терапија.

Целта на истражувањето е развој на мРНК транссплајсинг двојни рекомбинантни адено асоцирани вирусни вектори. Кодирачката секвенца на MYO7A генот ќе биде поделена на два фрагменти кои не се преклопуваат, опремени со елементи потребни за експресија на транскриптот и последователна реконституција преку транссплајсинг на мРНК и спакувани во рекомбинантни адено асоцирани вирусни вектори. За евалуација на терапевтскиот потенцијал на оваа стратегија, истата ќе биде применета на животински модели (глувци) и ретинални органоиди. Оваа стратегија е сè уште на почетокот од развојот, па доколку се покаже како успешна, би продолжила да се развива од некоја фармацевтска компанија.

Дали отсекогаш си бил заинтересиран да ја изучуваш фармакологијата и да работиш во научноистражувачката дејност? Кој ти е омилен дел од научноистражувачката работа во фармацевтската индустрија?

Љубовта и интересот кон природните науки кај мене постојат уште од мала возраст. На почетокот од мојата едукација значаен интерес покажував кон хемијата, но во текот на студирањето, покрај хемијата, посебен интерес кај мене побуди биологијата – поконкретно молекуларната биологија и генетиката и фармакологијата. Па така, во моментов омилена гранка ми е фармакологијата и проучувањето и истражувањето на механизмите на дејствување на лековите на молекуларно ниво, како и механизмите на настанување на болестите на молекуларно ниво. Исто така, тука е и генетиката, па за мене најдобро е кога истражувањето е интердисциплинарно и вклучува повеќе области, токму каков што е и проектот во кој што учествувам.

Гаврилов ја доби наградата за најдобро дипломиран студент на Фармацевтскиот факултет / фото: лична архива

Според твоето искуство како поранешен студент кој дипломирал и магистрирал во земјава, колку би рекол дека државата инвестира во научноистражувачката дејност? Имаше ли можност и овде да бидеш дел од научноистражувачки проекти слични на оние во Словенија и Германија?

Кај нас многу малку се вложува, а би рекол дека скоро и воопшто не се вложува во научноистражувачка дејност и проекти. Во текот на студиите немав можност да се запознаам или да бидам дел од научноистражувачки проекти. Па така, вистинско искуство стекнав по заминувањето во странство.

Дали и каде планираш да го продолжиш твоето образование или пак работата?

Планирам да продолжам на докторски студии во некоја западноевропска или скандинавска држава. Сè уште немам одлучено во која област точно – можеби поврзано со генска терапија и со проектот во кој што учествувам моментално. Немам размислувано долгорочно, но би сакал да се занимавам со научноистражувачка дејност.

фото: лична архива

Што, според тебе, треба да направи државата за да го спречи одливот на мозоци и да ги задржи талентираните млади научници?

Некои од младите заминуваат од финансиски причини, но повеќето би рекол дека заминуваат заради подобар квалитет на живот, односно подобро здравство, образование, почиста животна средина, подобро функционирање на институциите и пред сè поголеми можности за напредување. Исто така, би издвоил дека во странство повеќе се цени квалитетот и знаењето, никој не те прашува кој си и од каде потекнуваш, туку е важно да си способен и вреден. Би требало да се посвети повеќе внимание на младите, амбициозни и успешни кадри и истите да бидат повеќе стимулирани. Потребно е повеќе вложување во образованието и науката, финансирање научноистражувачки проекти, особено за да се задржат талентираните млади научници.

Што би ги советувал (идните) студенти кои сакаат да ја изучуваат фармацијата?

Фармацијата дефинитивно има просперитет во нашата земја, а и во светот пошироко и би ги советувал идните студенти што се двоумат, да се одлучат за фармација. Како прво, факт е дека не постои невработен фармацевт. Фармацевтите не се обични „аптекари или продавачи“, туку имаат многу повеќе знаења и вештини од тоа. Фармацевтите не работат само во аптека. Има повеќе фармацевтски компании во кои работат многу фармацевти и во кои се вложува во истражување и развој и усовршување на стручниот кадар. Исто така, може да се занимаваат и со научноистражувачка дејност. Генерално, сите студенти би ги советувал периодот на студирање максимално да го искористат за стекнување на знаења, вештини, искуства, познанства, да поминат дел од студиите во странство преку некоја од програмите за размена, бидејќи тоа е огромно искуство, да имаат свој сон и да дадат сè од себе за да истиот им се оствари. За да се постигне успех потребно е да се сака тоа што се студира, односно учи. Кога постои желба и одлучност, и невозможното станува возможно.

Напишете коментар