Здружението на новинарите на Македонија испрати примероци од Kодексот на новинарите на Македонија до сите медиуми регистрирани во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Етичкиот кодекс на ЗНМ беше усвоен во 2001 година и првпат беше дистрибуиран до сите медиуми во земјата. Поради неодамнешните случувања и претстојните локални избори, се појави потребата од негово повторно претставување.Како и во другите професии, така и во новинарството, етичките принципи се базираат на основните вредности на професијата и на стандардите на кои се придржува секој еден професионалец. Со почитување на овие 17 принципи и етички вредности, новинарите преземаат одговорност за информациите што ги пренесуваат, независно за кој медиум работат“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Оттаму додаваат дека со промовирање на етичките стандарди при известувањето, придонесуваат во борбата со лажните вести и со медиумската пропаганда.

„Кодексот на новинарите на Македонија беше изработен на шест јазици (македонски, албански, турски, влашки, ромски и англиски), а ќе биде доставен до сите медиуми соодветно на јазикот на кој работат“, додаваат од ЗНМ.

Од Здружението велат дека оваа активност е во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“, кој е финансиран од Европската Унија.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.