Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска реагираше на последните измени и дополнувања на Изборниот законик (ИЗ), коишто по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, а во кои не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.
„Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите“, се вели во реакцијата од новинарското здружение.
ЗНМ потсетува дека на почетокот на септември годинава, Владата писмено одговори до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик. Владата притоа вети дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.
ЗНМ предупредува дека со ваквото решение, ќе продолжи практиката на контрола на власт врз медиумите.
„Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда“, вели ЗНМ.