Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на најавата на Владата за враќање на праксата на плаќање на медиумски кампањи со јавни пари во приватните медиуми.

„Со внимателност ги следиме најавите од Владата за измена на медиумската регулатива во делот кој се однесува на забранатa за рекламирање од централната и локалната власт во медиумите. Овие најави се однесуваат на измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ), со што би се дозволило емитување на кампањи нарачани и платени од страна на јавните институции и за нив би бил откупен рекламен простор за емитување во приватните медиуми“, се вели во заедничкото соопштение.

Според праксата во ЕУ, земјите кои имаат поголема демократска традиција имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на телевизијата и радиото и за време и надвор од избори. Таквата забрана се оправдува со фактот дека радиодифузерите имаат големо влијание на формирање на јавното мислење, а истовремено времето за емитување на политичко-пропагандни пораки на телевизијата чини многу пари, велат од ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ.

„Регулирањето на овие прашања во оваа насока со закон се исклучително ризични на долг рок, зашто ќе се воспостави пракса од која веројатно нема да отстапи која било влада во иднина, а тоа може трајно да ја загрози улогата на медиумите“, се наведува во нивното соопштение.

Тие напоменуваат дека во најголем дел од земјите од европскиот континент јавните соопштенија поврзани со теми за кои се цени дека се важни за животот на граѓаните се бесплатни, а кај медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис, треба да има свест за општествена одговорност да објавуваат ваков тип на содржина.

Свесни дека економската криза предизвикана од тековната пандемија влијае негативно на медиумскиот сектор, ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека помошта кон медиумите може да се направи на два начини: преку политика на дополнително намалување на давачките на медиумите кон државата (концесии, даноци, придонеси) или преку концептот за поддршка на проекти од јавен интерес за производство на квалитетна медиумска содржина, врз основа на претходен јавен конкурс со прецизни критериуми и транспарентност при одлучувањето.