Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, советникот за односи со јавност на премиерот, Марјан Забрчанец и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски одржаа работен состанок со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, претседателот на Управниот одбор на Советот за етика на медиумите, Катерина Синадиновска и претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, како претставници на трите медиумски организации кои ја водат иницијативата за создавање на минимум критериуми во насока на заштита и промоција на професијата во интернет медиумите.
„Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ ги информираа претставниците на владата со основната идеја и потребата да се почитуваат основните принципи на новинарската професија во интернет-сферата. На работниот состанок медиумските организации исто така ги најавија следните активности поврзани со иницијативата, односно дополнително усогласување на критериуми и временски рок, со цел, сите засегнати страни кои работат на интернет-просторот во Македонија, да имаат период за прилагодување. Владата јасно укажува дека секогаш ќе биде партнер на медиумските организации во нивните активности кои се од исклучителна важност, како за медиумите и медиумските работници, така и за јавниот интерес на граѓаните на земјава“, се вели во соопштението на Владата.