fbpx

ЗНМ: Негативни трендови во Извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите

Извештајот оценува и дека социо-економската положба на новинарите во 2022 година не била значително подобрена споредбено со изминатите години кога големо влијание имаше пандемијата и здравствената криза, односно намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор

-

Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022 година бил зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи. Неказнивоста сѐ уште е голем проблем и особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа.

Ова е забележано во Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и за безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

Во Извештајот се нотира дека, според регистарот на ЗНМ, од почетокот на 2022 година се регистрирани вкупно седум напади и груби закани кон новинари. За споредба, минатата година биле регистрирани вкупно пет вакви напади.

„Со дел од надлежните институции во извештајот се констатира подготвеност за соработка во насока на унапредување на безбедноста на медиумските работници, а доказ за тоа се и измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, а на почетокот на оваа година се изгласаа и измените на Кривичниот законик и двата закони се веќе стапени на сила“, велат од ЗНМ.

Во извештајот се забележува и дека надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција на заканите и нападите врз новинари, ниту пак ги објавуваат ваквите податоци и не покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторители на напади и закани.

Од ЗНМ појаснуваат дека здруженијата на новинарите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите.

„Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија). Секоја година, проценката на состојбата се врши врз основа на стандардизирани методи за собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан“, велат од ЗНМ.

Извештајот оценува и дека социо-економската положба на новинарите минатата година не била значително подобрена споредбено со изминатите години кога големо влијание имаше пандемијата и здравствената криза, односно намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор.

„Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, на дел од нив не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работни права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите“, се оценува во извештајот, каде се дадени препораки за законски интервенции, зајакнување на безбедноста на новинарите и подобрување на нивните работнички права.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...