Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира на објавата на Основното jавно oбвинителство во која информираат дека е отворена истрага за платеното политичко рекламирање од последните избори во дел од онлајн медиумите кои беа пријавени во Државната изборна комисија на последните избори.

Според ОЈО и објавите на медиумите за овој случај, се проверува документацијата во три фирми дали е надминат законскиот лимит од 15 илјади евра за рекламирање во вкупно девет портали каде ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала во текот на изборната кампања.

„Бараме од ОЈО со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна само кон една политичка партија зошто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 он лајн медиуми со различни уредувачки политики а речиси половина од нив без објективна информација кој стои зад нив. Освен ова, истрагата треба да е транспарентна и непристрасна со цел да се избегне перцепција дека со вакви активности органите на прогонот сакаат да ги заплашат професионалните он лајн медиуми,“ се вели во соопштението на ЗНМ.

Од таму потсетуваат дека „пред усвојувањето на Изборниот законик, ЗНМ како партнер во процесот на консултациите од Министерството за правда инсистираше на укинување на праксата на платена политичка пропаганда во медиумите.“

„Наместо нашите препораки, политичките партии со консензус уште повеќе ги намалија критериумите за кои онлајн медиуми можат да се пријават во ДИК за платена политичка програма. За овој ризик од корупција дозволен со Изборниот закон, ЗНМ алармираше на повеќе наврати дека претставува ризик за перење на јавни пари од страна на политички партии преку фиктивни медиуми,“ се додава во соопштението.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.