ЗНМ и УНДП распишаа конкурс за најдобри новинарски стории на тема справување со аерозагадувањето

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) распиша Јавен повик на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“.

На повикот, за наградите во износ од 70.000, 50.000 и 30.000 денари може да конкурираат новинари што имаат објавено новинарски текстови, видео стории или истражувања на оваа тема, кои што ќе можат да придонесат кон ставање поголем фокус на загадувањето, подобро препознавање на изворите на загадување, но и за тоа какви напори досега се направени или се прават од страна на разни чинители за намалување на загадувањето на воздухот.

Делата со кои се конкурира треба да бидат автентични авторски, да се на македонски јазик или на јазикот на етничките заедници, како и да се објавени во медиум регистриран во земјава, без разлика дали традиционален или онлајн, во периодот од јануари 2020 до септември 2021 година.

Може да се конкурира со најмногу два текста или прилози, а исклучок е можен само ако станува збор за текстови или прилози во низа.

Објавениот материјал треба да се достави до ЗНМ најдоцна до 26 ноември (петок) 2021 година и тоа:

-По електронска пошта на: [email protected], лице за контакт: Елизабета Столева 02/3298-139

-По препорачана пошта, адресирано на: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ

Пријавите треба да бидат означени: „За НАГРАДА“ во предметот (subject) на електронската порака или напишано на ковертот.