Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 Mај, денес, повеќе од кога и да е претходно, стана јасно значењето на независното и професионално новинарство. Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата ги исфрли на врвот предусловите за функционална демократија а тоа е дека новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен, порачаа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Тие повикаа на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата.

„Потсетуваме дека борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Ја потенцираме Изјавата за слобода на изразување и информирање во време на криза од Комитетот на експерти за медиумска средина и реформи при Советот на Европа во која се истакнува улогата на професионалното новинарство и независните медиуми, потребата од „специјално внимание на обезбедување соодветни услови за работа на новинарите, вклучувајќи и медицинска заштита за секоја задача поврзана со коронавирусот“, се вели во соопштението.

Двете здруженија потсетија дека според извештајот на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите, Македонија се наоѓа на 92. место, што иако е мал напредок, се уште е разочарувачка позиција, и ги повторија минатогодишни барања за темелни реформи на медиумскиот сектор во државата со цел воспоставување услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.