fbpx

ЗНМ и ССНМ побараа законските измени што ги засегаат новинарите да бидат донесени што побрзо во Собранието

-

Сега, повеќе од кога било е потребно нападот врз новинарите да се третира како напад врз службено лице, време е да се направи поголем исчекор во оваа насока, истакна претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски на прес-конференцијата што пред Собранието ја одржаа ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.

Во името на ЗНМ, Чадиковски побара од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на кривичниот законик со што ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници.

„Речиси година и половина чекаме пратениците во Собранието да се одважат и соберат за да ги изгласаат измените во кривичниот законик, наместо да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри. Ако сме сигурни дека за ова постои општествен консензус во јавноста, несфатливо е пратениците и натаму да го одложуваат донесувањето на овие измени. Бараме тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и изгласани, во спротивно ќе сфатиме дека слободата на новинарите, снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание“, изјави Чадиковски.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски истакна дека предолго се чека на измените кои се од големо значење за безбедноста на новинарите.

„Нападите, без разлика во каква форма се, уште ги броиме и пријавуваме, но без резултати на крајот. Неказнивоста продолжува. Затоа уште еднаш, по којзнае кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени. Собраниските игри и интереси нас не нѐ интересираат. Ги повикуваме пратениците итно да направат сѐ што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на кривничниот законик кои барем на хартија ќе ги подобрат условите за прекин на неказнивоста на нападите врз новинарите“, рече Беловски.

Организациите потсетија на последниот извештај на Европската комисија, во кој се вели дека Северна Македонија постигна одредено ниво во областа на слободата на изразување и дека бележи ограничен напредок во однос на препораките на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...