Фото: Порталб.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осудија и ги оценија како неприфатливи денешните напади врз новинарите и медиумските работници кои се случија за време на протестите против пресудите за случајот „Монструм“.

Првиот физички напад е кон новинарската екипа на новинската агенција МИА кога имало обид со турканици да им се одземе опремата, при што снимателот бил турнат, а неговата опрема оштетена.

„Неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници“ велат од ЗНМ.

Во вториот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

„Ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво и бара остра и ефективна реакција во изнаоѓање и казнување на полициските службеници кои го оневозможиле новинарот на Слободен печат да си ја извршува својата работна задача. Истовремено, бараме од надлежните државни органи да ги пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА“ велат од ССНМ.