fbpx

ЗНМ и ССНМ: Ахмети не смее да етикетира медиуми

-

Здружението на новинарите на Македонија го осудува јавното етикетирање на телевизиите Телма и Алфа од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Тој на партиската трибина во Гостивар рече: „Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма – мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“.

„Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување“, наведено е во соопштението на ЗНМ.

Оттаму сметаат дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните.

„Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа“, се вели во соопштението.

Со осуда се огласи и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), од каде што најостро реагираа на изјавата на Ахмети, кој два медиуми ги нарече „непријатели на Албанците“.

ССНМ смета дека ваквиот говор на Ахмети е недозволив и крајно опасен за слободата на говорот и на медиумите во земјава, како и за демократскиот амбиент за кој тој декларативно се залага во изминатите дваесетина години.

„ССНМ го осудува начинот на кој Ахмети очигледно се пресметува со дел од медиумите кои критички пишуваат за политиките и дејствувањето на партијата ДУИ која е дел од владеачкото мнозинство, притоа безобразно злоупотребувајќи го албанскиот народ реферирајќи го кон него наводно „непријателско“ дејствување на телевизиите Телма и Алфа“, наведено е во соопштението на Синдикатот.

Оттаму предупредуваат дека ваквото квалифицирање на медиумите од страна на политичарите може да предизвика непријателско однесување кон новинарите и медиумските работници, загрозувајќи ја нивната безбедност.

„Потсетуваме на слични изјави на високопозиционирани политичари во минатото кои на ист начин, како Ахмети вчера, етикетираа медими како непријателски, по што се зголемија нападите врз новинарите медиумските работници“, велат во ССНМ.

Според Синдикатот, на новинарите секогаш приоритет во работењето им е вистината, јавниот интерес, критиката кон политиките на партиите, дејствувањето на партиските функционери, без притоа да праваат поделба по национална, верска и или родова основа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентот Филип Алчевски победи на хакатонот за зелено инженерство

Филип Алчевски со темата „Иновативни употреби на летечката пепел за одржлив развој“, е победник на хакатонот за зелено инженерство, кој се одржа на Технолошки-металуршкиот факултет (ТМФ). Второто место го освои...