Група од над 30 новинари и сниматели од јавниот сервис, од МТВ 1, МТВ2 и од Македонското радио викендов учествуваа на тридневна обука за кревање на стандардите во известувањето и работењето, и во битката против дезинформации, соопшти ЗНМ.
Како што велат оттаму обуката заеднички ја организирале ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.
На работилницата биле обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, креирање „сториборд“ и параграф преку секвенци, како да се креираат подкасти, а беше обработена и темата за подготовка и развивање на истражувачка сторија. Воедно биле опфатени и специфични теми кои се однесуваат поконкретно на работата на редакциите во рамките на МРТВ.
Обучувачи на обуката биле Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, уредниците и новинарите Сашка Цветковска, Ана Зафирова и Тоше Огњанов, како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски.
„Учесниците на обуката новинари, сниматели и уредници со своето активно и креативно учество дадоа дополнителен импулс на целиот настан“, велат од ЗНМ.
Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат”, во чии рамки се одржа овој настан, е петгодишен проект финансиран од УСАИД и имплементиран од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.