Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осуди притисоците кои се вршат кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Маја Јовановска. Вербалните притисоци и вознемирување следеле откако ИРЛ ја објавила истражувачка сторија поврзана со градежни активности од последните години во населбата „Тафталиџе“ во Скопје.

Како што информираат од ЗНМ, за време на викендот, сопственикот на градежната фирма „Настел“ – Зоран Азманов испратил пишани пораки до Јовановска укажувајќи како таа „требала“ да известува за темите поврзани со градежништво. Овие пораки биле испратени на телефонскиот број на новинарката Јованоска веднаш по објавувањето на сторијата на ИРЛ за уништувањето на населбата Тафталиџе од страна на градежните фирми.

„Во обид да се смират тензиите, главниот уредник на ИРЛ, Сашка Цветковска, го предупредува Азманов дека овие реакции кон новинарката претставуваат притисок и вознемирување и го упатува да се послужи со легалните инструменти или да се пожали до еснафските здруженија. Азманов и на овој обид реагира со вознемирувачки, обвинувачки и клеветнички пораки“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Од ЗНМ очекуваат во најбрзо време во МВР да биде повикан на разговор бизнисменот Азманов и истиот да образложи зошто има потреба да ја вознемирува новинарката Јовановска и кон истата да користи недоличен говор со елементи на закани и дискриминација.

Освен ова, информираат од ЗНМ, кон колешката Јовановска во текот на минатата недела била упатена телефонска закана преку пуштање на снимени звуци од експлозија. Телефонскиот број од кој е упатена аудио пораката е познат на МВР, а содржината на истата јасно укажува на обид за заплашување и вознемирување на новинарите од ИРЛ.

„ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да спречат идно насилство кон новинарите“, нагласуваат од ЗНМ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.