Фото: Здружение на новинари (ЗНМ)

По повод 75-годишнината од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело денеска му беше доделена на долгогодишниот новинар Александар Чомовски, кој во моментов е дел од Утрински Брифинг.

„Тој со својата професионална работа во изминатите пет децении се вбројува како дел од врвните новинарски и уреднички имиња во македонските медиуми, со промоција на демократските вредности и негување и почит на новинарските стандарди, го одбележа медиумскиот простор на свој оригинален творечки начин“ велат од ЗНМ.

Наградата „Јашар Еребара“ за годишно истражувачко новинарство пак, ја поделија новинарите Христина Ѓорѓиевска за сторијата „Заробените бели дробови на градот“ објавена на дигиталната платформа „Види Вака“ и Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Емилија Петреска и Даниел Евросимоски за сторијата во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”, објавена на „Радио Моф“.

„Истражувачките стории на темите што ги одбрале новинарите се од исклучително значење во нашата земја и нивната цел е да ја разбудат еколошката свест и за здрава животна средина кај надлежните институции, како и кај секој граѓанин на нашата држава“ додаваат од Здружението на новинари.

Годишната награда за известување на теми од локално и регионално значење за 2020 година ја поделија новинарот од Куманово Решат Ибраими од „News TV“ со својата видео сторија „Жалосна судбина на невестата од Албанија“ и Александра Максимовска од МИА, дописник исто така од Куманово со својата тема “Правно невидливите лица од Куманово“.

На јавниот конкурс оваа година во предвидениот рок, вкупно беа поднесени 20 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите беа новинарите Мира Костиќ како претседател и како членови Сашко Димевски и Аднан Ајдари. Здружението на новинарите на Македонија и оваа година искажува голема благодарност до сите заинтересирани новинари, како и до Стопанската комора на Северна Македонија која помогна да се обезбедат средствата за овогодинешниот фонд за награди.