Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше нова публикација во чиј фокус е состојбата со дописниците.

„Загрижува фактот што дописничката мрежа на МРТ, но и на националните телевизии постојано се намалува, а во одредени медиуми и целосно е укината.Финансиите се главен проблем за дописниците, а сите досегашни истражувања за социо-економската положба на дописниците покажуваат дека месечните надоместоци или хонорарите по објавен текст или прилог не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот. Но, тоа не е единствениот проблем кој беше детектиран во ова истражување. Недостигот на техничка опрема, притисоците од редакциите, но и од локалните моќници значително ја отежнуваат работата на новинарите“, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Дел од препораките кои се однесуваа на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Медиумската информативна агенција (МИА) беа да обезбедат дописништва во секој од осумте плански региони, а притоа на вработените да им обезбедат технички услови за работа и вработувања на полно работно време, со договор на неопределено време.

Во анализата се препорачува на печатените медиуми да вработат по најмалку тројца дописници, бидејќи тоа што се финансиски помогнати од јавниот буџет носи и свои обврски, во интерес на добро информирана јавност за теми од локален и регионален карактер.

Оваа публикација беше подготвена во рамките на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.