Здружението на новинари на Македонија денеска преку соопштение ги поздрави заложбите на Европската унија и на САД како олеснувачи во Договорот од Пржино и како гаранти на неговото спроведување и ги охрабри да продолжат да разговараат со политичките партии за реформи во медиумите, како еден од важните услови за одржување на фер и веродостојни избори.
„ЗНМ ги поздравува и изјавите на eврокомесарот Јохенес Хан и на eвропратеникот Ричард Ховит, кои бараат да се спроведат медиумските реформи пред предвремените парламентарни избори. ЗНМ ги смета за објективни оцените на ЕУ и на САД за слободата на медиумите во Македонија и очекува од Вашингтон и од Брисел да инсистираат владата да обезбеди поволни услови за слободни и професионални медиуми. Со жалење констатираме дека одговорите што ги добивме од ЕУ и од САД, а во врска со шпекулациите во јавноста дека меѓународната заедница ги жртвува медиумските реформи заради одложување на датумот на изборите, не беа јасни во целост. Останува неодговорено прашањето дали до 5 јуни ќе има медиумски реформи за да се подобри известувањето на медиумите за време на изборната кампања и да се обезбеди еднакво медиумско покривање на сите партии“, пишува во соопштението на здружението.
Од Здружението велат дека ќе продолжат да работат за системски и одржливи реформи во медиумите во согласност со Договорот од Пржино и дека ќе ги искористат сите демократски средства да ги убедат потписниците и гарантите на Договорот да има промени на медиумското законодавство пред одржување на изборите.
„За најновата состојба информирана е високата претставничка за слободата на медиумите на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, а наредните денови ќе испратиме писмо и до еврокомесарот Јоханес Хан, до сите амбасади на земјите членки на ЕУ во Скопје, како и до американскиот Стејт департмент, во кое ќе бараме Договорот од Пржино да се спроведе целосно пред изборите“, пишува во соопштението.