Новинарот Младен Чадиковски е реизбран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Маратонското гласање во хотелот „Александар Палас“ траеше речиси осум часа, при што на Изборното собрание на ЗНМ присуствуваа и гласаа рекордни 458 новинари, фоторепортери и сниматели од земјава.
Според резултатите од гласањето, Младен Чадиковски доби 275 гласа и за него ова е втор мандат на чело на ЗНМ. Противкандидатот Марјан Николовски освои 119 гласови, додека Фиљана Кока доби 53 гласа. Неважечки биле 11 ливчиња за избор на претседател.
„Продолжуваме посилно, подобро да работиме во наредниот период, сите идеи од колегите, од новинарите, од медиумските работници се добредојдени. ЗНМ е отворено за сите и ќе остане така“, изјави реизбраниот претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски.
На Изборното собрание на ЗНМ денеска се гласаше и за кандидати за управните тела, и тоа за: Управен одбор, Надзорен одбор и Совет на честа. Броењето на гласовите продолжува, а кандидатите кои беа избрани за управните тела во ЗНМ ќе бидат дополнително објавени.