Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска во Скопје организираше одбележување на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, се обрати и до граѓаните, но и до политичките партии и институциите на државата и правосудството.

– Првата порака ја упатуваме до јавноста, граѓаните, како и до политичките партии дека новинарите не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија. Втората порака ја испраќаме до институциите на С. Македонија и пред се до правосудните органи дека нападите врз новинарите мора да се процесираат во најбрз можен рок со цел да се заштити демократијата во нашата земја – истакна Чадиковски.

Според Чадиковски, неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја прави професијата неатрактивна за младите. Тој додаде дека во соработка со ССНМ и Министерството за правда се работи на измена на Кривичниот законик со цел нападите врз новинарите да се сметаат како напад на службени лица.

На настанот беше најавена и изработката на Протокол за односи меѓу полициските службеници и медиумските работници за подобрување на безбедноста на новинарите и снимателите.

– Со овој документ се покажуваат заедничките заложби за продолжување на соработката меѓу новинарите и МВР. Само така може да сме сигурни дека во случај на напад на новинар институциите ќе реагираат на начин преку кој ќе се најдат сторителите и истите потоа ќе бидат санкционирани – рече Чадиковски.

Гостин на настанот беше претставникот на Репортери без граници, Ерол Ондероглу. Тој ја пофали соработката меѓу новинарите и Министерството за внатрешни работи во насока на подобрување на безбедноста на новинарите.

– Со зголемување на безбедноста на новинарите и со спроведување на медиумските закони Северна Македонија може да напредува на светскиот индекс за слобода на изразување на Репортери без граници – истакна Ондероглу.

Тој порача дека земјата треба да ја врати својата позиција на оваа листа заедно во друштво со развиените демократии.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Северна Македонија“, а воедно претставува и продолжување на соработката која ЗНМ ја има со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.