Златниот беџ на Твитер може да ги чини бизнисите 1.000 долари месечно

фото: Brett Jordan на Unsplash

Твитер размислува да заработи од бизнисите што се присутни на платформата со тоа што ќе им наплаќа 1.000 долари месечно за да ги задржи нивните златни беџови, јавува „Врџ“ повикувајќи се на извештај на „Информејшн“.

„Информејшн“ забележува дека бизнисите што нема да плаќаат илјада долари месечно ќе ги загубат своите златни ознаки, иако не е јасно кога тоа ќе се случи.

Внатрешните пораки што ги прегледал порталот откриваат и дека Твитер сака да наплаќа дополнителни 50 долари месечно за да им додаде беџови на сите сметки поврзани со бизнисот.

„Како претплатник кој пристапил рано, ќе добиете златна ознака за вашата организација и беџови за соработниците. Доколку сакате да се претплатите, „Верификација за организации“ чини 1.000 долари месечно и 50 долари месечно за дополнителни поврзани сметки со еден месец бесплатно“, се вели во скриншот кој наводно прикажува електронска пошта помеѓу менаџерот за производи на Твитер, Еван Џонс и неименуван бизнис.

Потврда за намерите на Твитер е уште една објавена кореспонденција помеѓу вработен во Твитер и вработен во друг бизнис кој се рекламира на платформата.

Твитер воведе златни беџови која има овозможува на компаниите да го потврдат своето постоење на платформата.

Компанијата сè уште официјално не открива никакви информации за својата претплатничка услуга „Верификација за организации“, а ран пристап до програмата почна да нуди минатиот месец.

Скапата претплата е само една од многуте промени кои извршниот директор Илон Маск ги спроведе во обид да ги зголеми приходите и да го отстрани долгот на Твитер од 12,5 милијарди американски долари. Покрај масовните отпуштања, Маск почна да им наплаќа на корисниците 8 долари месечно за сини беџови.