Зимскиот рапуст заврши, дел од матурантите ја бојкотираат онлајн наставата

Министерката за образование и наука, Мила Царовска по повод стартот на второто полугодие го посети средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, каде има настава со физичко присуство / Фото: МОН

Од денеска учениците ја продолжуваат наставата од второто полугодие од учебната 2020/2021 година, откако вчера заврши тринеделниот зимскиот распуст. Наставата како и досега, ќе се одвива онлајн преку електронските алатки, со исклучок на учениците од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство во училница, како и учениците во средните стручни училишта.

Од Сојузот на средношколци велат дека денеска матуранти од 20 града во државата не се приклучиле на онлајн натавата по нивната најава дека ќе ја бојкотираат наставата. Тие бараат наместо четири матурантите да полагаат државна матура по два предмети, еден мајчин јазик и вториот по избор на ученикот.

Денес по повод стартот на второто полугодие, министерката Царовска го посети средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје. Наставата во ова училиште се одвива со физичко присуство и е прилагодена на практичната настава на учениците.

„Веќе воспоставениот хибриден модел од првото полугодие се покажа како успешен и наставата продолжува по истиот модел. На овој начин се обезбедува континуитет на наставата во второто полугодие“ велат од МОН.

Министерот за здравство, Венко Филипче по состанокот со претставниците на Сојузот на средношколци и министерката за образование и наука, Мила Царовска соопшти дека ако се потврди трендот со намалување на новозаразени со ковид-19, ќе се донесат други одлуки во врска со наставата.

Вчера заврши и рокот за доставување предлози за новиот концепт за основно образование. Неделава се интензивираат дебатите, а потоа ќе следи и јавна расправа во Собранието.