fbpx

Зилбеари: Во новинарството најважна e проверката на фактите, a не брзината

-

При проверка на фактите новинарите треба да бидат повнимателни, затоа што на прво место треба да биде проверката на вестите, а не брзината на нивното објавување. Ова го изјави главната уредничка на Порталб.мк, Елида Зилбеари во емисијата 24 Aнализа на ТВ 24 на тема „Квалитетното новинарство и борбата против лажните вести како предуслов за членство во Европската Унија“.

„Во последнава деценија се појавија доста портали со еден човек, ова е еден проблем кој мораме да го победиме со квалитет – друго решение нема. Значи, ние мораме да ја вршиме нашата работа најдобро што можеме и кога ќе направиме некоја грешка да се извиниме, да продолжиме да ги почитуваме професионалните стандарди. Така и јавноста ќе го препознае квалитетот и ќе знае да прави разлика што треба или што не треба да се чита“, изјави Зилбеари.

Таа рече дека штетата која може да ја предизвика еден новинар кој шири една непроверена вест може да биде доста голема, без разлика дали подоцна тој самиот истата ќе ја корегира.

Главната уредничка на Порталб.мк зборуваше и за истражувањето на Фондацијата Метаморфозис поврзано со руските дезинформации за војната во Украина кои ги шират медиумите во земјите од Западен Балкан. Таа откри податоци од најновата регионална анализа која наскоро ќе биде објавена од Метаморфозис.

„Поголемиот дел од дезинформациите за војната во Украина доаѓаат од Србија, бидејќи таму има проруски медиуми, но и такви што се создадени од самата Русија. Истите дезинформации и наративи потоа се дистрибуираат во Република Србија, Црна Гора, па во Северна Македонија, а некои дури се преведуваат и шират во Албанија или во медиумите на албански јазик кај нас“, вели Зилбеари.

Според неа, главните наративи се дека наводно војната во Украина е инсценирана и дека сето тоа е едно „шоу на силите кои сакаат да не измамат“.

„Има и наративи според кои во Украина наводно има лаборатории за биолошко оружје кои се контролирани од Америка. Наративот против НАТО и Америка тврди дека тие сакаат да ги шират овие биолошки лаборатории насекаде и да владеат со светот. Наративот против ЕУ, посебно во Северна Македонија, се појави по објавувањето на францускиот предлог и со цел да се направи поларизација на општеството и со тоа да ја намалат довербата на граѓаните во институциите. Така, овие наративи имаат за цел да ѝ штетат на демократијата и процесот на реформите за членство во ЕУ“, изјави Зилбеари.

Соговорници во емисијата беа и експертката за медиуми, Марина Тунева и Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...