fbpx

Зилбеари: Дезинформациите ја подриваат демократијата преку создавање хаос каде никој ништо не верува

-

ЦИВИЛ – Центарот за слобода вчера ​​организираше виртуелна дебата за нередот во информациите, дезинформациите и пропагандата, на која учествуваа Елида Зилбеари од Порталб.мк, професорката Весна Поповска и Тони Ангеловски од МВР. На дебатата беше речено дека дезинформациите предизвикуваат хаос или неред во информациите, и дека се штетни за здрава демократија, известува Порталб.мк.

Главната уредничка на информативниот портал на албански јазик „Порталб.мк“, Елида Зилбеари, рече дека законите постојат само треба да се почитуваат, и никој не треба да им кажува на медиумите како да се регулираат.

„Она што треба да го направат новинарите е да го почитуваат новинарскиот кодекс, ова е најважното и тоа ве прави новинар, јавноста знае каде да чита и во што да верува. Фактите треба да се проверат преку постоечките организации, но и од самите новинари. Значи, имаме доволно закони само треба да ги почитуваме. Никој не треба да ни кажува како да се регулираме, ние медиумите самите ќе седнеме и ќе ги поставиме правилата на функционирање и начинот на нашето делување“, рече Зилбеари.

Според неа, терминот „лажни вести“ не е соодветен затоа што ако е „вест“ истата мора да се провери и затоа не може да биде лажна, а пак „дезинформации“ е вистинскиот термин што треба да се користи.

„Во Северна Македонија обично се случува пред избори да се отвораат фиктивни портали за да се напаѓаат политичките противници, за да се добијат политички поени, но и да се заработат пари од ДИК. Но, она што вреди да се истакне е дека дезинформациите кај нас не се шират само од внатрешни, туку и од надворешни фактори. Земји кои не ја сакаат демократијата на нашата земја, се впуштаат во провокации и ширење дезинформации, за подривање на демократијата преку создавање хаос каде никој во ништо не верува“, заклучи Зилбеари.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ рече дека дезинформациите или информативниот хаос создава демократска ерозија, бидејќи се создаваат информации кои не основаат на факти и аргументи.

„Дезинформациите се насочени кон чувствата на луѓето, особено со заплашување. На пример, дезинформациите за невакцинирање имаа за цел да ги заплашат граѓаните или создадат несигурност кај нив за прашањето за вакцинација. Имаше и банални дезинформации кои беа и смешни: вакцината Astra Zeneca ги претвора луѓето во шимпанза. Луѓето и да не верувале во ова, тоа влијаело да создадат дилеми дека вакцината можеби не е безбедна, ако не шимпанза, нешто друго може да се случи“, рече Дерала.

Универзитетската професорка Весна Попоска од Универзитетот „Визион“ – Гостивар, рече дека дезинформациите имаат етимологија од Сталин, и отсекогаш биле користени како инструмент од власта, што се смета и за напад на либерализмот.

„Дезинформациите беа поактуелни во пандемијата, за вакцинацијата, за вистинитоста на вирусот. Новинарите кои не го проверувале изворот на информацијата само објавувале нефилтрирани вести. Сепак, генерално Русија функционира многу добро во овој поглед и е позната за фабрикување невистинити информации. Саморегулацијата на медиумите не е доволна, бидејќи влијанието на дезинформациите е многу штетно. Информативните портали треба да имаат одговорност, бидејќи има портали кои работат и немаат ниту име, ниту извор од кој се водат, така што регулацијата на медиумите треба да се прави така што секој портал ќе треба да се регистрира“, рече Поповска.

Таа додаде дека медиумите мора да се одговорни, бидејќи немањето одговорност влијае на тоа дезинформациите да се додаваат и да се дистрибуираат.

Помошник-министерот за внатрешни работи задолжен за односи со јавноста, Тони Ангеловски, рече дека ние сме земја со најмал број вакцинирани, како резултат на масовни дезинформации. Тој го наведе случајот со групата Лев Тахор, која талка од еден град во друг како резултат на дезинформации.

„Во Охрид е најавено дека ќе има протести затоа што групата Лев Тахор отишла таму, додека биле во Куманово граѓаните дури и ги нападнале, и поради дезинформациите кои беа објавени на интернет се создаде лош впечаток за оваа група, а досега немаме случај дека тие направиле нешто некому, од моментот кога влегле во нашата држава“, рече Ангеловски.

Тој изрази сериозна загриженост за ова прашање и рече дека некои портали немаат никаква новинарска етика, и создаваат плодна почва за ширење на дезинформации. Ова пак му штети на имиџот на професионалните новинари, кога граѓаните спомнуваат новинар тоа треба да значи добра личност и интелектуалец, а не луѓе кои шират дезинформации.

„Дезинформациите се шират повеќе за време на избори, референдуми и војни, во модерно време најсилното оружје се дезинформациите. Најголемата последица од дезинформациите е намалувањето на довербата во институциите“, истакна Ангеловски.

Настанот е поддржан од Програмата Цивика мобилитас (Civica Mobilitas), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...