Трите жени кои се дел од новиот документарен филм на Нетфликс – „Измамникот од Тиндер“ (The Tinder Swindler) започнаа кампања за финансирање каде бараат помош за да ги вратат своите долгови, пишуваат светските медиуми.
Сесил Фјељој, Пернила Сјохолм и Ејлин Шарлот биле жртви на измамникот со име Шимон Хајут од Израел, кој претставувајќи се под лажното име Симон Левиев, ги навел да веруваат дека е син на израелскиот тајкун за дијаманти, Лев Левиев.
Документарецот почна да се емитува на 2 февруари на Нетфликс, а приказната со неверојатна брзина стана топ тема во многу земји.
„Измамникот од Тиндер“ ја раскажува приказната на трите жени кои го запознаваат Шимон Хајут на популарната апликација за пронаоѓање партнери, Тиндер, по што стапуваат во врска или се спријателуваат со него. Претставувајќи се како исклучително богата личност која има проблеми со непријателска мафија, Хајут набргу почнува од нив да бара да му позајмат пари, за што, во одредени случаи, жртвите подигнале високи кредити од банките, верувајќи дека нивниот „партнер“ и „пријател“ ќе им ги врати.
Откако една од жените ја разоткрила измамата и побарала помош од норвешките медиуми за ширење на веста, сите тие сфатиле што се случува и го прекинале контактот со Хајут. По разоткривањето на случајот, норвешките медиуми сфатиле дека бројот на жртви на Израелецот е многу поголем и вклучува жени и мажи од целиот свет.
Хајут во моментов е на слобода и се наоѓа во Израел, а жените сè уште ги исплаќаат своите долгови. Тие побараа и помош од луѓето низ целиот свет, а целта им е да соберат околу 800.000 долари за да можат да ги отплатат кредитите.
„Изминатите неколку денови беа виорни, а ние трите (Ејлин, Пернила и Сесил) бевме целосно шокирани од поплавата на сочувства и поддршка од сите… По внимателно разгледување и многу разговори, решивме да ги започнеме донациите на „GoFundMe“… Знаеме дека има уште илјада други достојни причини за донирање и остануваме засекогаш благодарни ако одлучите да донирате овде. Сè што сакаме е да ни се вратат животите“, велат Ејлин, Пернила и Сесил на платформата „GoFundMe“.
Инаку, во моментот кога документарецот бил објавен на Нетфликс, измамникот од Израел сè уште бил активен на Тиндер. Од компанијата во чија сопственост е Тиндер објавија дека потоа го отстраниле од својата платформа и дека повеќе не е активен под ниту еден псевдоним.
Продукцијата на документарниот филм наведе дека Хајут измамил неколку лица за вкупна сума од околу 10 милиони американски долари.