fbpx

Жолчна кавга во грчкиот парламент околу спорот за името

-

Жестока расправија за иницијативите на грчкото министерство за надворешни работи околу решавањето на спорот за името ја прекина дискусијата на грчкиот парламент за гласање на мерките и на обврските договорени со европските партнери.

Лидерот на неонацистичката партија Златна зора, Никос Михалолиакос, среде парламентарната дискусија обелодени документ, допис од министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, со кој се бара од партијата да се изјасни писмено околу нејзините ставови за потенцијалното решение за името со Македонија.

Документот што го обелодени Михалолиакос укажува на нова иницијатива од Коѕиас и од грчката влада да се испитаат ставот, размислувањата и идеите на сите партии во грчкиот парламент околу нови предлози од грчка страна во преговорите за името. Самиот Коѕиас и министерството за надворешни работи и официјално потврдија дека таков допис е испратен до сите партии од грчкиот парламент. Коѕиас посочи дека оваа тематика била дискутирана на летниот совет за надворешна политика и безбедност, каде тој побарал од партиите писмено да ги достават своите ставови за тоа кои имиња би биле прифатливи за нив како крајно решение.

„Демократски сакав да го слушнам гласот на сите партии. Ги молев сите присутни од партиите да ни ги испратат на писмено нивните ставови. Сите прифатија и со овој допис сакав да ги потсетам на обврските“, истакна Коѕиас во расправата во парламентот.

Документот, наместо до заедничко решение и до став од сите грчки партии, доведе до неочекуван хаос. Ескалацијата почна со Михалолиакос, кој обелоденувајќи го документот, истакна дека Златна зора нема намера да прави компромиси околу името Македонија.

„Златна зора има јасен став, каков што немаше Нова демократија. Никаков компромис за нашата Македонија. Името „Македонија“ ѝ припаѓа на грчката историја“, истакна со висок тон Михалолиакос, посочувајќи дека не прифаќаат никакво сложено име и географски одредници. Се закани дека доколку владата прифати компромисно име, спроти себе ќе го има мнозинството од грчкиот народ.

Изјавата на Михалолиакос ја отвори пандорината кутија за расправии, патриотски надмудрувања и за напади на Коѕиас и на владата на СИРИЗА.

Лидерот на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, кој е во трка да остане лидер на партијата на престојните внатрешни избори, истакна дека не го прифаќаат овој документ на Коѕиас и за нив е несериозно ова прашање да се дискутира преку дописи од партиите до грчкото МНР. Побара доколку грчката влада сака да разговара за идеи и за ставови, да биде свикана лидерска средба од грчкиот претседател.

„За нас не постои овој допис. Што барате од нас, меѓу нас партиите да преговараме за име? За нас важи само одлуката од лидерска средба под грчкиот претседател. Немој да се осмелите да направите чекор повеќе, ова се опасни игри. Македонија е грчка, овие работи ги имаме решено и разговарано“, истакна Меимаракис.

Коѕиас се најде испровоциран, потсетувајќи го лидерот на Нова демократија дека десничарската партија ги смени своите ставови од 1992 година во 2006/2007 година за време на владата на Костас Караманлис.

„Министерството не сака да го реши спорот без да ги слушне и да се советува со другите партии. Меимаракис се држи до одлуката од 1992 година, да го потсетам дека Нова демократија за време на Костас Караманлис смени линија. Слушајќи го Меимаракис денеска, гледам дека го измениле ставот, денеска дознавам дека имате поинаков став од Караманлис“, истакна Коѕиас, замолувајќи да не се мешаат внатрешните случувања во партиите со надворешната политика и да не се користат тајни официјални документи за партиска пропаганда, однесување кое го оцени како крајно непатриотско.

Коѕиас се најде на мета и на Андреас Ловердос од ПАСОК, кој го обвини за несериозно и парадоксално однесување, истакнувајќи дека не разбира колку е чувствителен спорот за името и направил гаф со тоа што документот кој е пратен до партииите официјално не е обележан како таен.

„Покажете малку сериозност“, истакна Ловердос.

Шефот на грчката дипломатија се соочи со критика што воопшто им дал легитимитет на Златна зора и ги повикал да учествуваат со свои ставови на советот за надворешна политика и за безбедност.

Топката се обиде да ја смири поранешниот шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос, посочувајќи дека за толку сериозно и чувствително историско и национално прашање треба да се разговара само зад затворени врати за да се заштитат грчките интереси.

Министерот Коѕиас најави дека поради нарушување на законите и на процедурите на националнот совет за надворешна политика и безбедност, преку објавување тајни документи, отсега нема да ги повикува Златна зора на состаноците на советот кој разговара за позициите на грчката надворешна политика.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...