Јавна институција за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“. Овој некогашен дом на десетици деца, денеска е празен. Ходниците во зградата се долги и студени. Ѕидовите на многу места се изрониле од влага. По скалите, на горниот кат, од левата страна има многу детски соби, во кои не живее повеќе никој. Но, траги од децата има насекаде. Зборуваат дека овие простории некогаш биле нечиј единствен  дом. За тоа сведочат цртежите на ѕидовите. Еден од нив, раскажува цела приказна. На цртежот има снегулки, украсена елка, снешко, а до него е залепена куќичка од хартија. На средината, има нацртано едно големо црвено срце. Цртежот е потпишан од Мухамед. Ова дете живеело овде, дете полно со соништа, надежи, очекувања… Соништа за топол дом, љубов и малку среќа.

Тој, заедно со неговите 24 другари, од минатата година живее на многу подобро место. Тие се сместени во мали групни домови, како дел од процесот на деинституционализација, со кој трајно се обезбедени хумани и достоинствени услови за живот на децата кои претходно живееле во вакви институции. Еден ваков мал дом, сместен во двокатна куќа, посетивме во скопско Визбегово. Срдечно нè пречекаа воспитувачката Наташа Ристовска и готвачот Горан Здравковски. Двајцата, заедно со уште еден воспитувач се грижат за тројца адолесценти кои живеат во оваа куќа. Во куќата е топло, чисто и украсено во новогодишен амбиент. Мебелот е нов, просторот е пријатен и фино уреден. И елката е украсена. Вистински топол дом. И овде, како во „25 Мај“, на ѕидовите има детски слики, цртежи и пораки полни со желби и соништа.

– Ние сме еден вид сурогат родители на овие деца. Имаме предизвици кои ги решаваме заеднички, но сепак се сакаме, се гушкаме, заедно растеме. Знаете, не знам колку можам јас да им ја исполнам празнината која е резултат на тоа што немаат мајка или татко, и не мислам дека некој би можел да им ги замени родителите, но јас навистина ги сакам и се грижам за нив. Ми раскажуваат што сакаат, што не сакаат, што ги мачи. Оние кои имаат роднини, им дозволуваме да појдат да ги посетат – ни раскажа воспитувачката Ристовска, која додаде дека со децата постојано има одговорни лица.

Најмногу се радуваат кога им готвам помфрит, се вклучи во разговорот готвачот Горан.

– Сакаат и тестенини, не сакаат манџи со боранија, грашок. Овде ние седнуваме на маса во трпезаријата и јадеме сите, исто како дома. Сакаат и тие самите да си зготват. На пример, си прават палачинки – вели Горан.

Овие три деца не одат во јавно училиште, туку настава имаат дома. Секој ден им доаѓа наставник со кој работат по утврдена програма. Консултантите за деинституционализација кои работат на процесот, а се ангажирани од Министерството за труд и социјална политика, велат дека децата кои се запишуваат во редовното образование, многу често се дискриминирани.

– Кога при упис ќе чуе директорот на училиштето дека детето доаѓа од дом, веднаш дава отпор. И не е само тоа проблем, туку и потоа откако детето ќе се запише, секогаш „боде очи“ и е посочувано како виновник во многу ситуации, што се разбира дека не е во ред. Овие деца се дискриминирани, а ние се бориме против тоа – вели консултантот Владо Караев.

Во посета на групниот дом беше и министерката Мила Царовска заедно со претставничката на УНИЦЕФ, Патриша Ди Џовани.

– Имаме можност да посетиме некои од старите домови кои беа институции за сместување деца дали без родители, дали со воспитно социјални проблеми или со одредени судски мерки. Овде сме да увидиме која е разликата меѓу начинот на кој државата порано се грижеше за овие деца кои се наши, на системот, и како сега изгледа оваа грижа. Ова е долгорочен процес, кој не застанува денес. Во оваа држава, во овие две години се покажуваат резултати во оваа област, но ова треба да продолжи со иста енергија зашто целиот систем треба да се трансформира и оваа грижа да стане одржлива, за да децата го добиваат најдоброто. Едно општество може да каже дека е хумано само ако покаже грижа за најранливите. Ако најранливите ги остава зад себе, тоа значи дека тоа општество не е хумано. Ќе имаме предизвици и во малите домови и во институциите, но на крајот секоја институција треба да биде трансформирана и сите деца да добијат соодветна грижа и поддршка – рече министерката.

Ди Џовани истакна дека е горда што УНИЦЕФ е вклучен во овој процес од мноштво причини.

– Ако на пример, мое дете не можам да одглегувам и растам во институција, тогаш ниедно дете не треба да расте во институција. Деинституционализацијата е меѓународен тренд затоа што докажано е дека институциите не се најдобро место за да се оствари правилниот ментален и емоционален развој на детето и дека не придонесуваат на развивање емоции на приврзаност, на сето она што не гради во здрави и одговорни возрасни личности. Ова е глобален процес и ова е утврдено во Конвенцијата за правото на детето и врз основа на тоа, пред извесно време, на генералното собрание на ОН сите 192 членки потпишаа резолуција против деинституционализацијата. Во овој аспект, вашата држава е неколку чекори напред зашто се ослободува од институциите и дава похуман пристап во грижата за децата – рече Ди Џовани.