Животната средина и во 2021 година на маргините: Mногу одлуки на хартија, слаба имплементација

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Шар Планина стана национален парк, четвртиот во земјава и прв прогласен по осамостојувањето на земјата. Една од најголемите жешки точки во земјата, ОХИС се исчисти од многу хемикалии, а се решава и линданот од малата депонија. Состојбата со Охридското езеро и водите е толку алармантна, што Бернската конвенција отвори случај против земјата за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица и препорача запирање на сите хидроцентрали во заштитените подрачја. Македонските екологисти од југоистокот успешно ја бранат својата природа од налетот на деградирачки инвестиции во рудници. Ова се неколку од најважните вести кои ја одбележаа 2021 година на полето на животната средина.

На целата територија на Националниот парк Шар Планина нема да смее да се градат нови хидроцентрали, да се копаат рудници и да се прават геолошки истражувања, ниту пак ќе смее да се поставува инфраструктура за гасовод. Забрането во сите зони на управување ќе биде и одгледување на алохтони и инвазивни растенија и животни. Во строго заштитената зона на Шара нема да смее ниту да се градат куќи и патишта, да се возат моторни возила, ниту пак да се гради инфраструктура, да се берат растенија или да се отвораат рибници. Ова се дел од придобивките од тоа што конечно, после шест децении, добивме нов национален парк. Сега останува тие и вистински да се имплементираат.

Многу долго чекаме и на решавањето на историските еколошки жаришта. После четири децении, во 2021 година започна проект со кој треба да се исчисти малата депонија со линдан во ОХИС. Иако е огромен и сложен зафат, тоа е само гребнување по површината на проблемот со канцерогениот пестицид. Во ОХИС, сè уште стојат и големата депонија, третата депонија и Пеленица, а неодамна инспекторите за животна средина открија и нови количини во магацин.

За сите нив решение засега нема, а домашните институции како главен проблем ги посочуваат финансиите. Иако се чини дека проблемот со велешката топилница се реши откако престана да работи, сепак, здравјето и добросостојбата на граѓаните и градот сè уште зависи од чистењето на депонијата со згура. На ред и годинава чекаа и жешките точки како дивата депонија со јаловина од затворениот рудник за хром, антимон и арсен „Лојане“, опасноста од депонијата на шествалентниот хром од Јегоновце кој се заканува на водите и почвата…

Состојбата и проблемите со животната средина во С. Македонија повторно беше предмет на интерес и на овогодишното собрание на Комитетот на Бернската конвенција. Се усвоија нови препораки кои се однесуваат за Националниот парк Маврово, мрежата на Емералд подрачја, Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Конвенцијата отвори случај против Владата за заканите врз Охридско Езеро и Галичица, врз основа на жалба што е поднесена уште од 2016 година по последните алармантни случувања поврзани со дивоградбите и урбанизацијата во заштитеното подрачје. Една од најважните одлуки на Конвенцијата беше и препораката за откажување на сите одобрени и планирани хидроцентрали во заштитените подрачја.

Грижата за биодиверзитетот и во изминатава година се чини дека и понатаму останува маргинализирана. Балканскиот рис сè уште е под сериозна закана, а годинава ќе ја запаметиме и по опасноста во еден ден да угинат речиси сите белоглави мршојадци кои гнездат во неколку балкански земји заради употребата на отрови.

Во 2021 година Малешево и Водно станаа заштитени предели, откако во 2020 година беше прогласено и Осогово. Граѓанските организации, поддржани од експерти од Шумарскиот факултет, Управата за хидрометеоролошки работи и Агенцијата за планирање на просторот, не се сложија со Министерството за животна средина и бараа Водно да се заштити со специјален закон за да се обезбеди заштита на Скопје од поплави и ерозии, но не успеаја да ја добијат битката.

Една од новините кои предизвика бранувања во јавноста беше и забраната за употреба на пластичните кеси во маркетите, а оние биоразградливите екстра-лесни кеси што ќе бидат достапни, да се продаваат за 15 денари. Тоа е една од одлуките кои произлегоа од пакетот закони за отпад кои беа усвоени во 2021 година, Законот за управување со отпадот, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, како и Законот за управување со батерии, акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

Новите закони, освен постојните колективни постапувачи за отпад од пакување, батерии и електричен и електронски отпад, кои веќе функционираат кај нас, налагаат формирање и на колективни постапувачи и за отпадни масла, отпадни гуми, текстил и автомобилски школки.

Локалните избори во октомври беа вистински пример како граѓаните преземаат иницијатива за заштита на своите права и на животната средина. Еколошки активисти, во рамките на иницијативата „Зелен хуман град“ ја предложија Ана Петровска за кандидат за градоначалник на Скопје, а некои станаа дел од Советите на Градот Скопје и Општините Центар и Карпош. Кампања со еколошки предзнак имаше и на југоистокот, каде и годинава низ судските лавиринти се води битката на „Здрава котлина“ против рудникот Иловица-Штука. Советници од редовите на активистите добија и Општините Ново Село, Босилово и Струмица.

За 2022 година остануваат многу отворени прашања врзани за заштитата на животната средина. Донесени се акти за заштита на подрачја, нови закони, Стратегии и други документи кои ќе мора да се имплементираат, нешто што се покажува како најслабата страна на македонската администрација.

Државниот инспекторат за животна средина, органот што мора да стави ред и да ги спроведува законите, и понатаму кубури со кадар, иако земјава има превработеност во државните служби.

Ништо не е сменето ниту на полето на загадувањето на воздухот. Надлежните се правдаат дека ниту една мерка не менува ништо преку ноќ, но да бидеме реални, ние за високите вредности на ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките активно зборуваме повеќе од една деценија. Тоа е период во кој веќе требаше да видиме имплементирани, не само среднорочни, туку и долгорочни мерки. Една од нив мораше да биде и акредитацијата на Државната лабораторија за животна средина, која дури годинава започна процедура да се сертифицира за мерење на загадување на воздухот од стационирани извори, откако веќе се акредитираше за шест методи за вода и една за бучава.