„Koга чисти автобуси во Шуто Оризари?“, „Зошто автобусите на ЈСП ги нема во Шуто Оризари?“, „Не сме само бројка за избори“, „Што уште треба да се случи за да дадете оставка Данела Арсовска?“… Ова се само дел од транспарентите со кои денеска повеќе од 200 жители на Шуто Оризари, заедно со десетина студенти и средношколци го искажаа својот револт поради нефункционирањето на јавниот превоз во Скопје.

Собирот започна кај зградата на Водовод, по што граѓаните се упатија кон бараките на Град Скопје.
Организатор на протестот беше градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, а на жителите од општината им се приклучија и десетина студенти и средношколци бидејќи проблемот со јавниот превоз ги засега и нив.
„Протести ќе има пак, додека не се реши функционирањето на ЈСП во нашата општина која веќе 730 дена нема јавен превоз. Да ве потсетиме градоначалничке, дека на 12 септември 2022 година, 2.000 граѓани дојдоа овде и преку мирен протест прашаа до кога само ние ќе користиме недостојни автобуси? До кога ќе чекаме изградба на булевари? Кога ќе се вработат Роми во нашата општина? Одговори немаме. Граѓаните 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Ова е нехумано и дискриминаторски, да оставите граѓани толку денови без превоз“, изјави Дудуш.
Тој праша и зошто, и покрај владината одлука да се позајми нафта, автобуси во Шуто Оризари и денеска нема. Го отвори и прашањето за нередовното собирање на сметот во општината и праша зошто Градот Скопје не отстранува депонии во Шуто Оризари.

На протест излегоа и претставници на Сојузот на средношколци, од каде што рекоа дека овој сериозен проблем посебно ги засега нив, правејќи го секојдневното патување до училиштата низ градот сè потешко. Со ист став е и Александар Николовски, претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Откако јавниот превоз колабираше пред два дена, Владата вчера на вонредна седница одлучи да му позајми на град Скопје од нафтените резерви на државата за да можат автобусите на ЈСП да сообраќаат. Kaко што информираа од Владата, и Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас, за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје.
Градските власти вчера ја поздравија одлуката на Владата со која, како што рекоа, конечно се докажало дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает. Оттаму потсетија дека Владата има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои според нив, би се стабилизирала во целост состојбата во претпријатието.
