Жителите на четирите општини од Осоговијата, Крива Паланка, Пробиштип, Кочани и Македонска Каменица сакаат дел од Осоговските планини да станат заштитено подрачје. На тој начин ќе се зачуваат природните реткости, традициите и културата на овој крај, а ќе се промовираат одржливото живеење, руралниот туризам и органската храна.
По последната јавна расправа, која вчера се одржа во Крива Паланка, генералниот заклучок е дека постои позитивен став и се прифаќа одлуката од заинтерсираната јавност во подрачјето, информираат од Министерството за животна средина и велат дека во следните десетина дена заинтерсираната јавност сите коментари во врска со овој процес може да ги достави на е-адресата [email protected].
„Со јавната расправа која се одржа во Крива Паланка, заврши серијата од четири јавни расправи за прогласување на дел од Осоговски Планини за заштитен предел, што имаа за цел да ја консултираат и вклучат јавноста во процесот. Оние прашања кои останаа недообјаснети, во однос на евентуални влијанија или рестрикции врз дејноста на субјекти или индивидуи во зоната на строга заштита, ќе бидат земени предвид по донесувањето на Одлуката на Владата, кога ќе се изработуваат конкретните и деталните начини на заштита во Планот за управување со заштитениот предел, од страна на идниот управител јавното претпријатие ‘Национални Шуми’“, велат во Министерството.
За да се заштитат интересите на жителите на Осоговијата, тие ќе бидат вклучени во Советот на засегнати страни и на тој начин ќе можат да ги усогласат нивните потреби со заштитата на природата и обезбедувањето на одржливиот развој.
Кампањата за заштита на Осоговските планини се води под слоганот „Осогово Лично и Различно!“. Се предлага заштитата на дел од Осоговските Планини во катерогија V – заштитен предел. Тоа ќе значи зачувување на природните вредности, обезбедување на одржливо управување сo природата и правилно користење на природните ресурси, но истовремено и поквалитетен живот на населението, подобра инфраструктура, развој на мали бизниси, земјоделие, туризам и брендирани производи. Предлогот предвидува заштита на дел од Осоговските планини во три зони на заштита, зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење. Зоната за строга заштита ќе опфати 12 помали локалитети кои ги вклучуваат најзначајните и најрепрезентативни живеалишта како што се високопланинските пасишта, репрезентативните шумски заедници од габер, крајречните заедници со врба, топола и евла и мали површини од букова шума, тресетишта, изворишни делови на реките, карпести предели и дел од вриштините. Во зоната за строга заштита, нацрт-одлуката забранува секакви активности со кои би се загрозила изворноста на природата и нарушување природната рамнотежа и предлага постојан мониторинг. Зоната за активно управување опфаќа 13 делови кои се наоѓаат околу строго заштитените површини, зоната за одржливо користење е над 90 отсто од заштитениот предел на Осоговските планини.
„На Осоговските Планини има богат растителен и животински свет со 1073 видови, од кои габи се 437 видови, дијатомејски алги 391, дневни пеперутки се 105, вилински коњчиња 39, правокрилци 77, тркачи 246, пајаци 450 и други. Голем број од овие видови се меѓународно значајни, а голем дел се ендемити, ретки и национално значајни видови кои се значајни за зачувување (конзервација)“, констатира Нацрт-одлуката за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел.