Жителите на Кочани ја поддржаа иницијативата за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел

Фото: Дарко Николовски / CC BY-SA

Жителите на Кочани ја поддржаа иницијативата за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел. Граѓанските организации, кои вчера присуствуваа на првата јавна расправа во салата на Спомен-домот „АСНОМ“ во Кочани, на која беше презентирана Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита на “Осоговски Планини” во категоријата V- Заштитен предел, побараа по прогласувањето на актот што побрзо да биде изготвен Планот за управување. Со Планот треба да се обезбеди едукација на граѓаните и посетителите како да ги зачуваат убавините и посебностите на Осоговските планини. На јавната расправа присуствуваа претставници на владини институции, општината, локални граѓански здруженија, претставници на бизнис-заедницата и други заинтересирани страни.

Студијата ја презентираа претставниците на Македонското еколошко друштво (МЕД), кои го изработија документот, а претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е носител и реализатор на иницијативата, го објаснија текот на постапката до конечното донесување на Одлуката од страна на Владата.

„Сè поголемо значење, особено во пост-ковид периодот добива заштитата на животната средина и со зголемувањето на површините на заштитените предели, всушност Република Северна Македонија ги следи главните определби на европскиот „Зелен договор“. Во овој процес, Осоговските Планини како предел се во најнапредна фаза и верувам дека таа иницијатива успешно ќе се заврши и ќе се добие заштитено подрачје кое е од интерес за целата држава, а особено за населението кое живее во овој регион“, рече заменик министерот за животна средина Јани Макрадули. Тој го посочи примерот со изградбата на пречистителната станица во Кочани како најдобар показател за ефектитите врз рехабилитацијата на речните видови во реката Брегалница.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев посочи дека овој град е подготвен да го поддржи овој сложен и долг процес, а преку тоа и благородните цели на Програмата за зачувување на природата во целата земја.

„Преку прогласувањето на Осогово како заштитен предел, се придонесува за регионалниот развој, промоцијата на природните и културните вредности на ова подрачје, како и за развој на туризмот“, рече Илијев.

Еколошките активисти беа заинтересирани за развојот на проектите на идните мали хидроцентрали, особено на онаа што е планирана на Мала Река, а беше нагласена и потребата од поинтензивна еколошка едукација и развивање на позитивни навики кај населението во однос на препознавање на начините за зачувување на природните вередности на Осогово. Иден управувач на заштитениот предел ќе биде јавното претпријатие „Национални Шуми“, каде во идниот период ќе треба да изработат План за управување, преку кој ќе треба да се дефинира кои активности ќе бидат дозволени во заштитениот предел и ќе биде основа за едукација на локалното население и посетителите.

По Кочани, јавни расправи ќе се одржат и во Македонска Каменица, Пробиштип и Крива Паланка, а целта е локалното население да биде информирано како ќе се одвиваат постојните активности во заштитеното подрачје. Реализација на овој проект е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.