Жителите на Чаир мака мачат со дивите паркинзи и недостигот на паркинг места, институциите „немоќни“ за проблемот

И покрај тоа што Општина Чаир вети паркинзи, нив сè уште ги нема, а освен тоа, од таму велат и дека не можат да преземат мерки против дивите паркинзи. Се правдаат и Обвинителството и Управата за јавни приходи, а МВР и Државниот пазарен инспекторат молчат

-

Жителите на Чаир немаат доволно паркинг места за своите автомобили, а мака мачат и со дивите паркинзи за што ги обвинуваат институциите дека не преземаат мерки. И покрај тоа што Општина Чаир вети паркинзи, нив сè уште ги нема, а освен тоа, од таму велат и дека не можат да преземат мерки против дивите паркинзи. Се правдаат и Обвинителството и Управата за јавни приходи, а МВР и Државниот пазарен инспекторат молчат, пишува Порталб.мк.

Чаирчани мака мачат со паркинзите

Жител на населбата Чаир се пожали дека нема паркинзи, нема каде да се паркира, а ако ја паркира колата некаде каде што не е паркинг место, доаѓа пајак и му ја зема и треба да плати казна, околу 9 илјади денари.

„Ние, жителите, не сме виновни, општината ветуваше две катни гаражи за паркинг, ветувања имаше но реализација сè уште нема. Ние не се надеваме веќе од никого, ниту од тие што беа на власт, ниту од овие што се сега, си ги наполнија џебовите и не се грижат за маката на граѓаните“, рече еден чаирчанец.

Тој нагласи дека кај џамијата „Иса бег“ има диви паркинзи, каде што граѓаните плаќаат од 50-100 денари и каде што не даваат фискална сметка ниту кога ќе им побарате.

„Можам да кажам дека во Чаир има околу три диви паркинзи, еден имаме таму кај џамијата, други две кај амбулантата, можеби ги има повеќе, но не знам, јас можам да кажам само за овие паркинзи на кои сум ја паркирал колата и кај што сум платил“, рече чаирчанецот.

Друг револтиран жител вели дека еден од најголемите проблеми во Чаир е недостигот на паркинг места.

„Како што можете да видите, возилата се паркирани насекаде. Немаме каде да ги паркираме возилата, ми се случило да ја паркирам колата на 5 минути за да завршам брзо некоја работа, и да дојде пајакот и да ми ја земе. Морам да ја оставам колата дома за да одам на работа, да пешачам или да патувам со автобус. Мислам дека вината за овие проблеми е кај општината која сè уште нема решение за овие примарни проблеми“, рече друг жител на Чаир.

Тој, исто така, истакна дека паркинзи немаат ни во населбите, а потврди дека има сознанија за диви паркинзи.

Друг жител рече дека проблемот со паркинзите требало да се реши уште пред 10 години и додава оти во Чаир се потребни најмалку три паркинзи.

„Паркинзите што требаше да се изградат се претворија во згради. Тие што ја водат општината не се грижат за граѓаните, туку се грижат за тендерите, тоа е проблемот, доаѓаат со опинци и излегуваат со каубојки“, рече чаирчанецот.

Тој, меѓу другото, зборуваше и за дивите паркинзи во Чаир.

„Два диви паркинга има кај џамијата „Иса бег“, еден позади џамијата, две наспроти поликлиниката „Бит пазар“ и едно позади, а кај „хотел Арка“ има три паркинзи, а еден паркинг пред полицијата. Кај овие паркинзи плаќаш по 50-100 денари за час, но не ти даваат фискална сметка. Полицијата не презема никакви мерки за отстранување на дивите паркинзи кои се наоѓаат во Чаир“, изјави жителот.

Друг жител, пак, изгубил надеж дека овие проблеми ќе се решат. Тој вели дека Чаир е голема урбанистичка катастрофа.

„Не верувам дека некогаш ќе има решение за Чаир, би сакал новите генерации да имаат шанса и да се вклучат во политиката да направат нешто, затоа што сме уморни од властите, и тие што беа, и тие што се сега, мислам дека се исти и не очекувам никакво решение за овие проблеми. Овде живеам скоро 36 години и не верувам дека нешто ќе се подобри“, вели друг жител.

Општина Чаир се правда

Порталб.мк за овој проблем се обрати до Општина Чаир и праша зошто не презеле мерки против дивите паркинзи, но оттаму се правдаат дека имало земјишта кои се во сопственост на државата, и такви што се во приватна сопственост, како и земјишта кои се во сопственост на Општина Чаир.

„За сите овие локалитети има посебен одговор, а граѓаните кои плаќаат, но не добиваат фискална сметка, можат да се обратат до „Управата за јавни приходи“, од каде што ќе им изречат казни на оние лица кои имаат диви паркинзи. Во овој случај општината нема ингеренции и немаме право да преземаме мерки“, велат од Општина Чаир.

Обвинителството ја фрла топката кај другите институции

За дивите паркинзи кои ги споменуваат граѓаните побаравме отчет од Јавното обвинителство. Од таму нагласија дека постапуваат по сите поднесени кривични пријави.

„Прашањата што ги поставувате се во надлежност на други институции, пред сè, на општинските инспекциски служби, на Управата за јавни приходи, на пазарниот инспекторат и на Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството.

Од Управата за јавни приходи потенцираат дека заедно со Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат извршиле координирани проверки на територијата на Град Скопје, во шест објекти кои вршат дејност организирање и одржување на паркинзи.

„Во спроведената акција Управата за јавни приходи изврши проверки врз основа на Законот за регистрирање на готовински плаќања во вкупно 3 објекти, при што се констатирани неправилности кај двајца даночни обврзници согласно Законот за регистрација на готовинските плаќања. За констатирани прекршоци согласно Законот за регистрација на готовинските плаќања, Управата за јавни приходи им изрече казни на даночните обврзници и на лицата одговорни за истите“, соопштија од УЈП.

Од таму додаваат дека во однос на другите три објекти каде што се констатирани нерегистрирани дејности, надлежен е Државниот пазарен инспекторат да постапува согласно Законот за забрана на нерегистрирана дејност.

Но, од Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи не одговорија на новинарските прашања за овој проблем.

Потсетуваме дека, со низа написи, Порталб.мк докажа дека земјиштето зад Поликлиниката „Бит Пазар“ е државно и истото незаконски се користи како див паркинг на кој се наплаќа. Од друга страна, институциите меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е одговорен да постапи, иако земјиштето се наоѓа во Општина Чаир и, според децентрализацијата, и надлежностите се на Општина Чаир.

Во врска со овој случај, во октомври 2023 година беше поднесена кривична пријава против узурпаторите на паркингот зад Поликлиниката „Бит Пазар“.

Во март 2023 година Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија поднесе кривична пријава против 62-годишен скопјанец под сомнение дека узурпирал државен имот, простор што го користел за паркирање во близина на цветното пазарче на Бит Пазар.

Инаку, за Чаир уште од 2013 година се дадени многу ветувања за паркинзи – од тогашниот градоначалник на општината Изет Меџити, потоа од актуелниот градоначалник Висар Ганиу, но на терен тие останаа само зборови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оркестар го придружи немиот филм „Уцена“ на Хичкок во Кино Милениум

Вчеравечер во салата на Кино Милениум се одржа проекција на стар филм. Филмот беше толку стар, што доаѓа од времето пред да има звук во филмовите, кога движечките слики...