Од граѓанската иницијатива за спас на зеленилото во населбата Карпош 4 велат дека доколку градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, навистина ги поддржува, како што изјави во одговорот на нивната петиција, тогаш тоа треба да го покаже на дело.
– Притисокот мора да продолжи. Стевче нè поддржува, но добро е да го покаже тоа на дело. Демантираме дека иницијативата е политички мотивирана. Баш напротив, ние сме против секаква политика кога се работи за наши граѓански права. Ако градоначалникот нè поддржува, тоа може да го докаже на неколку начини, како, на пример, да ја запре постапката за донесување и да го врати деталниот урбанистички план на повторна јавна расправа и на анкета. Тоа е во негова моќ. Потоа, ако навистина ја поддржува иницијативата, тој може да се потпише во подрачната единица на ДИК секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот до 30 септември. И на крај, ако ги почитува 2.450 потписи, должен е да го почитува и законот и да свика граѓански собир – велат жителите на општина Карпош.
Јакимовски два дена пред истекот на рокот го објави одговорот на петицијата со 2.425 потписи, што жителите на Карпош 4 ги доставија до Општината со барање за собир за јавна дебата против промената на деталниот урбанистички план, нарекувајќи ја иницијативата политички мотивирана.
– Јас, како градоначалник ја поздравувам секоја иницијатива на граѓаните, вклучувајќи ја и оваа. Камо среќа мислењето на граѓаните да може да се преточи во закони, кои ние, како локална самоуправа, сме должни да ги применуваме. Ја поздравувам иницијативата дури и кога е политички мотивирана, зашто тоа е навистина здраво за демократијата во Република Македонија. И јас ја поддржувам иницијативата и би било добро кога законодавецот би размислил, таму каде што веќе има изградени објекти, да се прифати фактичката состојба на терен и урбанистите да не бидат принудени да вцртуваат фиктивни решенија кои никогаш нема да се остварат. Категорички тврдам дека Карпош 4 има доволен број паркинг-места на терен и нема потреба за изградба на нови и ниту една педа зеленило од постојното нема да биде одземено – вели Јакимовски.