Брзината на движење на возилата во Дебар-маало, во центарот на Скопје, ќе се ограничи на 30 километри на час, како дел од проектот на Општина Центар „Зона на мирен сообраќај“, напиша на својот фејсбук-профил, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
„Зачестените сообраќајни несреќи, густиот сообраќај, постоење на училишта и градинки, безбедноста на граѓаните беа причините да предложиме воведување на популарно наречената „зона 30“. Со добивањето на решението, Центар е првата општина во Република Македонија што воведува ваква мерка, која е и препорака од Европската унија“, напиша Жерновски.
Како што објави „Мета“ пред неколку месеци, новиот Закон за безбедност во патниот сообраќај предвидува максимална бразина од 50 километри на час во урбаните средини во земјава, наместо сегашните 60.
Ова веќе неколку години е практика во сите земји-членки на ЕУ, а и во некои кои не се дел од Унијата. Европскиот парламент во 2013 година усвои документ со кој бара од Европската комисија да ги провери можностите оваа граница да биде спуштена за уште 20 километри на час, односно таа да изнесува 30 километри на час, како што е случајот со „30 зоните“ во најголем дел од земјите на ЕУ, каде има поголема френквенција на пешаци, станбени објект, школи и градинки.